Сиљановска-Давкова пред ООН за македонскиот случај: Разликата меѓу легалното и праведното може да биде пукнатина, но и бездна

„За нас членството во ЕУ по 20 години преговори и дури 16 позитивни извештаи на Европската комисија наликува на господинот Годо, оти го чекаме од 2005 година, охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот ‘уште само овој услов, уште само оваа отстапка, уште само оваа уставна измена“. Така станавме sui generis држава, со 36 уставни измени за 30 години, закотвена во геополитичкиот регион наречен Западен Балкан“, рече Сиљановска-Давкова

Како што додаде, европската реунификација е „како недовршена симфонија без нас“, а интеграцијата е клучна за демократскиот развој. Таа очекува дека целосната интеграција на Балканот ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите и на балканизацијата како феномен

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на генералната дебата на 79-тото заседание на Генералното собрание на Обединетите нации / ФОТО: Принтскрин

Поупатените во македонскиот случај знаат за сцилите и харибдите низ кои помина и се уште поминува мојата татковина, малата балканска држава, која што иако индиректно, како една од шесте конститутивни југословенски републики учествуваше во создавањето на Обединетите нации, при приемот во ООН во 1993 година се соочи со голема неправда.

Со овие зборови македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова го почна своето обраќање на генералната дебата на 79-тото заседание на Генералното собрание на Обединетите нации. Таа пред претставниците на државите-членки на ОН потсети дека земјава во 1993 година била примена во организацијата под привремена референца и и било наложено да го реши спорот за името, а по Преспанскиот договор од 2018 година „Република Македонија формално-правно станала Република Северна Македонија“.

„Се разбира, новото име е формално-правна реалност и мојата држава, Република Северна Македонија, како одговорна земја-членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски, но членството во ЕУ, заради кое го прави тоа, не само што не се оствари, туку македонските граѓани сега се пред нов, повторно последен услов за уште една уставна промена, но не за членство, туку за почеток на преговорите, и тоа по вторпат. За нас членството во ЕУ по 20 години преговори и дури 16 позитивни извештаи на Европската комисија наликува на господинот Годо, оти го чекаме од 2005 година, охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот ‘уште само овој услов, уште само оваа отстапка, уште само оваа уставна измена“. Така станавме sui generis држава, со 36 уставни измени за 30 години, закотвена во геополитичкиот регион наречен Западен Балкан“,

рече Сиљановска-Давкова, додавајќи дека ветото станало инструмент за, како што вели, билатерализација и стагнација на евроинтеграцијата, што создава ризик од дестабилизација.

Според неа, линијата којашто го двои легалното од праведното понекогаш е само пукнатина, но друг пат е длабок јаз, па дури и бездна. Тој јаз, таа бездна, рече Сиљановска-Давкова, најчесто и најтешко ги погодува малите народи и држави, кои што се први жртви на силата на судирот.

„Проширувањето мора да се врзе за меритократските Копенхагенски критериуми и да се ослободи од ветоизацијата врзана за обидот за ревизија на историјата и непочитување на националниот и културниот идентитет. Од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите за членство во Европската унија, отфрлање на двојните стандарди и почитување на сопствените вредности и принципи, вградени во основните уставни документи“,

вели Сиљановска-Давкова.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на генералната дебата на 79-тото заседание на Генералното собрание на Обединетите нации / ФОТО: Кабинет на претседателот на РСМ

Како што додаде, европската реунификација е „како недовршена симфонија без нас“, а интеграцијата е клучна за демократскиот развој. Таа очекува дека целосната интеграција на Балканот ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите и на балканизацијата како феномен.

„Мора да научиме да се поддржуваме едни со други, како во случајот со ковидот, поплавите и пожарите, наместо да се блокираме на европскиот пат. Homo Balcanicus може да биде Homo Europicus кога сака“,

рече претседателката во ОН.

Во вториот дел од своето обраќање, таа се осврна на глобалните проблеми со мирот, сиромаштијата и развојот, посочувајќи дека има растечка економска, образовна, родова и дигитална нееднаквост меѓу државите и во нив. Го цитираше старогрчкиот историчар Тукидид, кој рекол дека правдата е збор кој има вредност во расправиите меѓу луѓето само кога двете страни имаат подеднаква сила.

„Но, Обединетите нации постојат за да го облагородат суровиот Тукидидов свет, со тоа што, обезбедувајќи правна еднаквост меѓу нациите, ќе ја скротат моќта на големите и ќе ги заштитат малите народи. Токму таа правна еднаквост е предуслов за постигнување на врвните цели на Обединетите нации – мирот и безбедноста, човековите права и одржливиот развој. Обединетите нации постојат за да го надминат или барем да го надминат јазот меѓу легалното и праведното. Пред голем предизвик сме како правното да стане и праведно, односно праведното легално, и како она што е легално и праведно да се имплементира“,

рече Сиљановска-Давкова.

Според неа, во сегашната бурна геополитичка, економска, научна, технолошка, и индустриска трансформација со која се соочува светот, Обединетите нации како институција ретко кога биле попотребни, но и ретко кога биле толку политички маргинализирани. За да се надмине тоа, таа предложи нов дух на мултилатерализам, кој би се потпирал на три столба: доследно почитување на Повелбата на Обединетите нации и на Меѓународното право, доследно спроведување на целите за одржлив развој, како и суштинска реформа на самата светска организација.

„Неспорен факт е дека правото на вето е легално, но прашање е колку е праведно. Кога се користи за да се парализираат процеси од кои што зависи исполнувањето на целите на Повелбата и очекувањата на народите во светот, неопходно е Генералното собрание да добие поголема улога во одлучувањето како претставничко тело на народите, во духот на We the peoples, We the nations. Легитимитетот на Советот за безбедност извира од Генералното собрание. Па тој треба да функционира како своевидна коалициона влада на народите“,

рече претседателката.

Според шефицата на македонската држава, нема едноставни, евтини и безболни решенија за предизвиците, но Обединетите нации или ќе станат мотор кој што ќе го движи светот кон похуман, поправеден и поодржлив поредок, или ќе се сведат на пасивна бирократизирана структура, целосно зависна од главните актери во геополитичките односи.

„Како во песната на Џон Ленон – Замислете“,

рече таа на крајот.

- Реклама -