Сиљановска-Давкова ја прифати оставката на Комисијата за помилување, најавува консултации за новиот состав и слабостите во системот за помилување

Во следниот период претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе изврши консултации за новиот состав на комисијата, како и за институционалните и законски слабости кои постојат во системот за помилување на осудени лица, соопштија од нејзиниот кабинет

Членовите на Комисијата за помилување денеска ја информираа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека поднесуваат колективна оставка од позициите, соопштија од кабинетот на претседателката. Како што се наведува во соопштението, таа била информирана дека членовите на Комисијата ја донеле одлуката во согласност со нивните лични и професионални принципи.

„Претседателката Сиљановска-Давкова ја прифати оставката поднесена од проф. д-р Методија Каневчев, проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири. Во следниот период претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе изврши консултации за новиот состав на комисијата, како и за институционалните и законски слабости кои постојат во системот за помилување на осудени лица“,

се наведува во соопштение од кабинетот на претседателката.

Одлуката за колективна оставка на членовите на Комисијата за помилување претходно ја соопшти професорот Гордан Калајџиев на Фејсбук. Во куса објава потпишана од сите шестмина, тој напиша дека одлуката ја донеле во согласност со личните и професионални принципи. 

Оставките следуваат по реакциите во јавноста во однос на одлуката за помилување на десетина осуденици од страна на претседателката Сиљановска-Давкова на 23 октомври. 

Меѓу помилуваните на листата се најде и лицето Акиф Равманоски, познат во јавноста како член на наркокланот „Барон“, чие име предизвика најмногу негодувања во јавноста.

Два дена по помилувањата, на излегување од затвор, Равманоски беше повторно уапсен, а членовите на Комисијата беа повикани на состанок кај претседателката. Претседателот на Комисијата, Методија Каневчев, тогаш изјави дека при одлучувањето се воделе од делата или во случајот за Равманоски од првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје, која била условна, но потоа била заменета со ефективен затвор од страна на Апелацискиот суд.  

Тој е осуден за поседување оружје на ефективна казна затвор од една година и три месеци. Дома му е најден пиштол со пет проектили, не знам дали биле во шаржер или во самото оружје. Ние се раководевме од околноста што првостепената пресуда, значи пресудата на Основниот кривичен суд била условна осуда, утврдена казна од две години, со рок на проверување пет години. Апелацискиот суд ја преиначува пресудата во делот на казната и се решава за ефективна казна, тоа е онаа казна од една година и три месеци. Ние го разгледавме случајот и заклучивме тој се однесувал пристојно во затворот, не бил дисциплински казнуван, дека е со високо образование, дека е женет, дека има семејство. Поима немав дека, јас барем и сите други тврдам, дека тој бил некаков шеф на некаков клан и се решивме за првостепената пресуда на Основниот кривичен суд, односно нашиот предлог да биде идентичен со тој на првостепениот суд“,

кажа Каневчев.

По објавувањето на одлуката за помилувањата и реакциите во јавноста претседателката Сиљановска-Давкова тогаш посочи дека личностите на листата се интересни во негативна смисла, но и дека Комисијата се водела од конкретни дела.

- Реклама -