„Искрено имам забелешка на дикцијата на новата еврокомесарка, бидејќи кога рече – велите: ништо помалку и ништо повеќе, тоа ми личи како на, тоа не е филозофија, како на нешто што е познато земи го или остави го. Тоа мене ми личи на софистицирано евромандаринство, тоа мене ме плаши од дикција која значи директно мешање во внатрешните работи“, вели Сиљановска-Давкова
Северна Македонија и Црна Гора имаат исклучително добри односи и немаат отворени прашања, велат претседателите на двете држави и додаваат дека политичкиот дијалог меѓу двете држави е на највисоко ниво и сведочи за обостраната посветеност за понатамошно јакнење на соработката, особено на економски план
Откако вчера новата еврокомесарка за проширување Марта Кос во изјава за медиумите го повтори својот став за С Македонија, велејќи дека од земјава очекува промена на Уставот за вклучување на Бугарите – ништо повеќе и ништо помалку, денеска македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова рече дека и забележува на дикцијата во однос на очекувањата за уставните измени.
Сиљановска-Давкова, која е во официјална посета на Црна Гора, одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со нејзиниот колега Јаков Милатовиќ, рече дека едно е да се укаже или препорача, но да се каже дека нешто мора тоа значи премногу бирократско перцепирање на Европската Унија.
Таа повтори дека во потрага по вин-вин ситуација од наша страна „велиме дека еве ќе го сториме и тој чекор, но со одложено правно дејство“ и нагласи дека ако се дозволи ветото да опстои, дури и најуспешните во чекорењето пред крајот можат да се соочат со него.
„Обично ретко давам коментари на коментари и особено не надвор. Паметам кога господинот Хелмут Кол рече за домашни прашања одговарам дома, но ќе ви одговорам. Искрено имам забелешка на дикцијата на новата еврокомесарка, бидејќи кога рече – велите: ништо помалку и ништо повеќе, тоа ми личи како на, тоа не е филозофија, како на нешто што е познато земи го или остави го. Тоа мене ми личи на софистицирано евромандаринство, тоа мене ме плаши од дикција која значи директно мешање во внатрешните работи“,
рече Сиљановска-Давкова.
Сиљановска Давкова истакна дека една од одредбите во Договорот за ЕУ е почитување на уставните и политичките структури.
„Би разбрала дикција дека препорачуваме или укажуваме итн., меѓутоа да речете мора тоа да го сторите тоа значи дека имате пристап од страна на ЕУ, што јас го нарекувам бирократски. ЕУ не е бирократска машинерија, повеќе е од тоа, така вели господинот Макрон, дека е филозофија заснована на принципи и вредности, значи еве и јас малку да бидам прагматична. Зошто велам дека имам забелешка, од истата причина заради која јас сум овде по 50 години заедно. Јас очекувам и на оние кои веќе се во ЕУ, а до вчера биле со нас со умереност и респект да се однесуваат кон сите. Значи, тоа е првото“,
рече претседателката.
Како второ таа додаде дека земјава отсекогаш била кооперативна на патот кон ЕУ и правела компромиси на сопствена штета.
„Прво, во Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, оти нели секој ден слушам ‘Пакта сунт серванда’, нема ниту еден збор за уставни измени. Тие се споменати во протоколот број 2, во членот 3 или сега во Преговарачката рамка и во заклучоците веќе не се употребува изразот протокол, се употребува изразот записник. Тврдам дека протокол не може да биде извор на уставно право, ниту на право, исто така и записниците, но еве во потрагата по вин-вин ние велиме дека еве ќе го сториме и тој чекор, но реков со одложено правно дејство. Причината да ги градиме мировните односи со нашиот сосед, бидејќи во Преамбулата на Договорот пишува дека Бугарија ќе ја поддржува и ќе ја поттикнува Македонија на патот кон ЕУ. Еве, да дадеме шанси на ова зошто тврдам ако дозволиме ветото да опстои дури и најуспешните во чекорењето пред крајот можат да се соочат со вето. Тоа навистина ја обезвреднува филозофијата на евроинтеграцијата. Да повторам, ако госпоѓата во говорот требаше да собере гласови, па со слична дикција го кажа ова, тогаш кога веќе е избрана, мислам дека е добро да се сети на регионот и да ги мери зборовите, да се однесува поинаку од другите членки на ЕУ, бидејќи подобро ги знае работите од нив“,
нагласи Сиљановска-Давкова.
На прес-конференцијата во Цетиње, каде двајцата претседатели имаа средба, рекоа дека Северна Македонија и Црна Гора имаат исклучително добри односи и немаат отворени прашања. Според нив, политичкиот дијалог меѓу двете држави е на највисоко ниво и сведочи за обостраната посветеност за понатамошно јакнење на соработката, особено на економски план.
Милатовиќ нагласи дека двете држави делат заедничка цел, а тоа е интеграцијата во Европската унија.
Претседателка Сиљановска – Давкова, говорејќи за уставните измени, рече дека како држава повторно сме соочени, сега на барање на ЕУ, да посегнеме по нови уставни измени.
Милатовиќ напомена дека посебно му е драго што во рамки на претстојните промени на Уставот, доколку Северна Македонија се одлучи за тоа, ќе биде додадено и црногорското малцинство.
Сиљановска Давкова посочи дека нема никаков проблем во Преамбулата да се внесат и Црногорците и дека никој не негира бидејќи, како што додаде, сите помниме дека сме биле повеќе од 50 години заедно во добро и во зло.