Сиљановска-Давкова: Денот на албанската азбука е историски важен за Албанците, но и за македонската држава

„Бевме и останавме пример на посветеност кон зачувување и унапредување на етничката, јазичната, културната и верската разноликост овозможувајќи образование на мајчиниот јазик во сите степени“, се вели во честитката на претседателката

Унифицирањето на албанската азбука не е само акт на јазична форма, туку и симбол на стремежот за еманципација и просветување, вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во честитката по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова / Фото: Кабинет на претседател

Посочи дека пред 116 години во Битола е унифицирана албанската азбука, чин што ја зацврстил јазичната самосвест на албанскиот народ и создал темел за понатамошен културен и цивилизациски прогрес.

„Дваесет и втори ноември е историски важен датум за Албанците, но и за македонската држава. Јазикот создава простор за разбирање, за соработка и за обединување околу идентитетските вредности. Преку него, различностите стануваат богатство, а иднината е можност за индивидуален и колективен раст“,

се вели во честитката на претседателката.

Според неа, албанскиот јазик и култура се вградени во нашето социјално ткиво и отвораат простор за меѓусебно разбирање и соживот. Почитувањето на јазичните разлики, како што се вели во честитката, не прави демократско и мултикултурно општество.

„Бевме и останавме пример на посветеност кон зачувување и унапредување на етничката, јазичната, културната и верската разноликост, овозможувајќи образование на мајчиниот јазик во сите степени“

вели претседателката.

- Реклама -