Иако вербалната е само дел од многуте нивоа на меѓучовечка комуникација, сепак открива многу повеќе од тоа што е изговорено. Тоа не е новост, но новост е, барем кога зборуваме за научни докази, дека преку гласот на еден маж, луѓето можат да ја проценат неговата сила.
Тоа е заклучокот на истражувањето на тим научници од САД, во кое учествувале мажи од различни делови на светот. Научниците им ги мереле бицепсите, обемот на градите, висината, тежината и силината на тупаницата. На истите тие мажи им е снимен гласот, а снимката е дадена на публика на слушање. Публиката, само врз основа на гласот, проценувала кој колку е силен.
Резултатот ги изненадил истражувачите – сите мускулести мажи прецизно биле проценети како такви, и тоа само врз база на слушнатото. Тоа ги натерало научниците да се позанимаваат со основната фреквенција на гласот, пред сé со цел да утврдат дали посилните мажи имаат подлабок глас. Одговорот пак бил изненадувачки – не.
Резултатите, имено, покажуваат дека интензитетот на бас во гласот нема врска со силата на мускулите, што ги „фрли“ научниците во потрага по скриени сигнали во човечкиот, поточно машкиот глас. Освен што се знае дека кај жените не постои ваква врска, за останатото засега постојат само нагаѓања. Една од поверојатните теории е дека причината за тоа што машкиот глас ја издава силата лежи во нашите далечни предци, на кои им било многу важно веќе по гласот да можат да ја проценат силата на својот противник, исто колку што на противникот му било важно да ги заплаши и да победи без борба.