Сијарто: Унгарија ќе го забрза проширувањето на ЕУ на Западен Балкан

Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто денеска изјави дека за време на претседавањето на Унгарија со ЕУ ќе се забрза проширувањето на Унијата на Западен Балкан и најави одржување на меѓувладини преговори со сите пет земји кандидатки од регионот.

– Унгарија ќе се стреми и ќе почне конкретни преговори со новата, силно про-интеграциска ориентирана влада на Северна Македонија, посочи Сијарто  на денешната конференцијата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во Париз.

Тој наведе дека со Србија ќе се отворат нови поглавја од претпристапните преговори, додека со Црна Гора се планира да се затворат барем седум поглавја. Додека со Албанија се предвидува да се отворат првите поглавја, а со Босна и Херцеговина да се усвои преговарачката рамка.

– Унгарија, исто така, помага со испраќање експерти и обучени службеници да им помогнат полесно да се снајдат во комплицираниот претпристапен процес, потенцира Сијарто.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

Тој истакна дека интеграцијата на петте балкански земји во ЕУ е „економски, како и политички и безбедносен интерес на Унгарија“, чии инвестиции во регионот достигнаа 2,5 милијарди евра, а трговијата од 2010 година е четирипати зголемена и изнесува над седум милијарди евра.

Според него Централна Европа и Западен Балкан можат да бидат „мост“ помеѓу Истокот и Западот, што е многу потребно „за враќање на соработката помеѓу Исток и Запад заснована на меѓусебно почитување и може да го покаже излезот од сегашниот турбулентен кризен период“.

– Унгарија е подготвена да ја преземе оваа улога и во тоа да ги поддржи земјите од Западен Балкан, истакна Сијарто.

- Реклама -