Во Ливермор, Калифорнија, постои сијалица што едноставно не прегорува. Виси на жица од таванот на Станицата 6 од противпожарната станица на Ливермор, и гори од 1901 година. Изгасена е само 4 пати откако е ставена, и е најдолго-горечката сијалица во светот. Лани, на 27 јуни, беше одбележан нејзиниот милионитти час во употреба. За споредба, штедлива сијалица трае околу 10.000, а некои LED сијалици и до 50.000 часа. Обична денешна сијалица обично (би требало да) трае околу 1200 часа. Па така, на прославата имаше коктел, музика и скара, а официјалните градски лица наздравија во чест на нејзината долговечност. За сето тоа време, сијалицата светеше над нивните глави, како и обично, додуша не многу силно – лесно е да не ја видите.
Да се биде пожарникар во Ливермор значи дека не само што морате да се борите со пожари, туку во меѓувреме и да ги водите посетителите на тура да ја видат сијалицата. Некогаш доаѓаат по двајца дневно, некогаш доаѓаат во поголеми групи, стојат под неа и ја гледаат сé до моментот кога пожарникарите ќе добијат итен повик и ќе бидат љубезно испратени да си одат. Додуша, некои од овие остануваат и ги чекаат пожарникарите да се вратат.
Направена е од Shelby Electric Company, во Шелби, Охајо, во 1898 година, од францускиот електричен инженер – Адолф Чаиле (Adolphe A. Chaillet). Направена е од филамент – јаглерод направен преку „таен процес“ кој останува мистерија и денес. Се смета дека сијалицата е 60-ватен модел (вистинската моќност не се знае), а во моментов гори со моќност од околу 4 вати.
Томас Брамел – пензионираниот заменик шеф на противпожарниот оддел на Ливермор, но и најистакнат историчар на сијалицата, има напишано и книга за истата, со наслов A Million Hours of Service. Покрај книгата, во противпожарната станица 6 можете да купите и маици и други сувенири со сијалицата (парите одат во непрофитна организација што ги помага повредените пожарникари).
Во книгата се наоѓаат многу информации, како на пример таа дека сијалицата горела 71 година без никој да ја забележи. Тогаш се појавил Мајк Данстан, ТВ репортер од Ливермор, кој во 1972 почнал да се распрашува за истата. Преку интервјуа, успеал да ја потврди нејзината долговечност.
Се смета дека сијалицата му била дадена на противпожарниот оддел во 1901, како подарок од локалниот бизнисмен Денис Бернал. Постарите жители се сеќаваат дека ја гледале истата сијалица кога поминувале до станицата на патот кон училиште, уште во 1900-тите. Џон Џенсен – поранешен пожарникарски волонтер кој служел во Ливермор во 1905-та, рече дека се сеќава дека сијалицата била постојано вклучена уште откако знае за неа, бидејќи служела како вид светло за итни случаи, во било кој дел од денот.
Како што рековме, била исклучена само 4 пати во својот животен век, доволно малку за да ги наброиме овде:
1906: Сијалицата била пренесена од противпожарната станица на First Street во Ливермор – во новата станица на Second Street.
1937: Била исклучена околу една недела, бидејќи станицата била реновирана, како дел од поголем владин проект
1976: Била пренесена во тазе изградената станица 6. Била исклучена околу 22 минути за време на селењето, плус уште неколку секунди откако била инсталирана и не сакала да се запали (градскиот електричар благо го ротирал грлото на сијалицата и со тоа го поправил проблемот)
20 мај 2013-та: Се изгаси рано утрото заради дефект на електричното напојување. Човек во Австралија што ја гледаше сијалицата на веб камерата чија снимка оди на интернет (сакам и јас толку слободно време!) очајно се обидувал да стапи во контакт со противпожарната станица, од другата страна на океанот. На крајот, сијалицата остана изгасена околу 9 часа. За да ја поправат, пожарникарите го премостија напојувањето со продолжен кабел. Во првите неколку дена, сијалицата гореше околу 4 пати посветло од обично, што создаде страв дека може да прегори. Но, веќе следните денови, сијалицата се врати во нормала.
Зошто не прегорува?
Има три теории:
1. Постојаност: Мет, еден од пожарникарите што се грижи за неа, има теорија (го нагласува тоа „теорија“) дека сијалицата е исклучувана и уклучувана толку малку, што филаментот согорува со константно и бавно темпо, без да мора да се лади и да се загрева за краток период. Ова резултира со еден вид на „термален моментум“.
2. Едноставно, сијалицата е едно од „оние нешта“: Џоел, другиот пожарникар во тимот, додава на претходната теорија дека се работи за „совршена случајност“. „Сијалиците на Shelby се рачно дувани“, објаснува тој, „а уникатноста на нејзината форма, големина, филамент и другите фактори кои не можат да бидат постигнати преку масовно производство – сето тоа придонесува за оваа ‘совршена несреќа’“.
3. Теоријата на завера околу планираната застареност: На 23 декември 1924, извршните директори на најголемите светски производители на сијалици се сретнале во Женева за да исковаат план. GE, Philips, Tokyo Electric, германскиот Osram, францускиот Compagnie des Lampes и други, се здружиле за да го создадат таканаречениот Phoebus Cartel. Картелот го поделил светот во пазарни зони кои тие индивидуално би ги контролирале и вовел продажни квоти со цел секоја компанија да биде подеднакво доминантна. Воедно и решиле да ги ограничат животните векови на сијалиците на 1000 работни часа – наводно околу половина од способноста на тогашните сијалици.
Картелот подоцна (1930-тите) се растури, но и ден денес се спомнува кога на некого ќе му се расипе телефонот веднаш по истекување на гаранцијата, на пример. Со други зборови, се смета дека сијалицата во Ливермор, која е произведена многу пред донесувањето на овие регулативи за скратување на животниот век на сијалиците (со цел поголема продажба, нормално), е доказ дека сијалиците некогаш можеле да горат многу подолго, но дека тоа што денес се такви какви што се е резултат на една голема теорија на заговор. За волја на вистината, тешко дека и да е така, некој очекувал да направи сијалица што ќе трае 115 години.
Што ако прегори?
По блискиот размин со смртта во 2013, кога беше изгасена 9 часа и на пожарникарите им прелета целиот нејзин живот пред очи, тие не сакаат да бидат фатени неспремни ако недајбоже 115 годишната сијалица прегори засекогаш. Засега нема ништо официјално, но се спомнуваат погребни церемонии низ градот, кои ќе завршат со соодветно место во градскиот историски музеј. Се зборува и за нејзина замена. Имено, одреден донатор поседува ист таков модел произведен од Shelby, а наводно ќе ја донира кога ќе дојде време за тоа… Ако сијалицата не нé надживее сите, па и донаторот… Или ако некогаш воопшто се изгаси.