Гао Јипинг, фармер од една јужнокинеска провинција, куќата на 3 спрата ја завршил во 2014 година. Само нешто повеќе од година откако се вселил таму со своето семејство, локалните власти го известиле дека се планира изградба на нов пат, и дека тој пат ќе поминува баш каде што е куќата.
Се разбира, државата понудила компензација, ама Гао, кој потрошил милион јуани (околу 160.000 долари) и неколку години на изградба на домот од соништата, едноставно не можел да ја прифати помислата дека наскоро ќе ја види срушена. Па почнал да бара алтернативи.
Негов пријател му предложил да контактира компанија која наводно специјализира во поместување на куќи на кратки дистанци. Соочен со изборот неговата нова куќа да биде срушена и изградена на друго место, фармерот решил да се обиде со компанијава.
Гао очекувал државната компензација да изнесува над 400.000 јуани ($63.000), и проценил дека дури и да ги даде сите пари од таа сума, преместувањето на куќата ќе биде поисплатливо отколку изградба на нова. За негова среќа, компанијата му одредила уште пониска цена.
Така, во септември лани, фармерот најмил професионален градежен тим за практично да му ја одлепи куќата од основата, воедно и да го подготви теренот за комплицираната операција. Кога сé било подготвено, дошло ред и на компанијата за преместување.
40 метри не звучи како многу, ама според проценките, куќата на 3 спрата на Кинезот тежела 1.000 тони, што значи дека задачата не била ни лесна, ни брза. Целиот процес траел месец и пол, а искористени биле околу 1.000 дрвени трупци, лостови и сл. Не сме експерти, ама по сликиве изгледа дека куќата всушност била крената од основата, па поставена на трупците. Остатокот се одвивал со влечење и тркалање.
Како и да е, целиот процес на крајот го чинел Гао 330.000 јуани (52.000 долари) – помалку отколку што очекувал, и многу помалку отколку што ќе го чинела изградба на нова куќа од сам старт. Уште подобро, од владата добил срдечна компензација од 680.000 јуани ($108.000), што значи дека не само што си ја зачувал куќата, туку и ќарил едно 56.000 долари.
Се разбира, целиот процес бил проследен со куп скептици, кои особено биле загрижени дали куќата ќе биде безбедна за живот по поместувањето. Според нив, тоа сигурно ќе ја ослаби структурата и ќе предизвика пукање на ѕидовите. За одвојувањето од основата воопшто и да не зборуваме.
Меѓутоа, Гао ги побива сите овие тврдења. Вели дека со своето семејство живеат во релоцираната куќа веќе три месеци, и нема ниту една пукнатина на ѕидовите. Покрај тоа, куќата е поставена на подобра основа од претходната, па сега веројатно е уште постабилна и поцврста.
Успехот на Гао ги инспирираше и неговите соседи. Куќата на еден од нив, изградена во 2016-та (значи уште понова), исто така е лоцирана на рутата планирана за изградба. Неговата ќе мора да биде поместена 120 метри, но по деталните пресметки, и тој заклучува дека тоа ќе го чини поевтино отколку да гради нова.