Швеѓаните бараат пауза за секс во работното време

Gothenburg, Sweden

Ех Шведска… Рајот на Земјата. Таму локалните власти размислуваат обратно од остатокот од светот – таму, на пример, се верува дека квалитетот на животот на луѓето е подеднакво важен како и работата, и дека не треба да се запира со стремежот кон негово подобрување. Особено во ситуација кога не е сé така розево – на пример, не можете да имате секс во работното време. Не сме живееле во Шведска, ама тоа веројатно му доаѓа како да имаш, а пак да немаш.

Како и да е, Швеѓаните работат и на тоа. Најновото е иницијативата на еден 42-годишен член на советот на градот Оверторнеа – Пер-Ерик Мускос, со која се бара Швеѓаните да имаат право на еден час платена пауза во текот на работното време, која ќе им овозможи да се приберат дома и да имаат секс со своите љубовни партнери.

Својата иницијатива Мускос ја поткрепува со неколку аргументи. Првиот, вели тој, е дека согласно истражувањата, сексот е полезен за здравјето. Вториот е дека во современиот свет љубовните парови не можат да си посветат доволно внимание. Промената во работното време, инсистира Мускос, ќе се одрази благопријатно врз меѓусебните односи и општата среќа на населението.

Иако многумина не го сфатија сериозно, некои се потрудија да обезбедат сериозни критики за иницијативата. Една од критиките, на пример, е дека таквата промена би можела да доведе до злоупотреба од вработените – демек ќе прават други работи, наместо да имаат секс. Одговорот на Мускос беше многу едноставен: „Работодавците и надредените треба да имаат верба во своите вработени“.

Тој е дециден дека не гледа ниту една причина неговата иницијатива да биде отфрлена. Секс паузата е уште една мерка која ќе им помогне на Швеѓаните да не се преоптоваруваат на работното место, смета тој.

Како што покажуваат истражувањата, жителите на земјата просечно работат по 1685 часа годишно. За споредба, Германците работат 1847 часа, Британците – 1900 часа, а Русите – 1978 часа годишно.

Тешко дека иницијативата ќе биде прифатена (ако биде, се гледаме таму), ама дека Мускос има пар валидни аргументи – има.

- Реклама -