Најголемиот дел од светот се потпира на камионите како главно средство за транспорт на ресурси и материјали, но камионите баш и не ѝ се добри другари на животната околина. Затоа Шведска лансира програма која треба да им помогне на камионите да станат „зелени“, програма која е дел од една поголема иницијатива со цел да се елиминира зависноста од фосилни горива најдоцна до 2030 година. Како што пренесува Форбс, Шведска развива електричен автопат т.е. eHighway кој ќе овозможи специјално-направените хибридни камиони да возат на струја.
Во моментов eHighway е во фаза на тестирање на околу 1.6 долг дел од еден шведски автопат. Системот овозможува камионите да се поврзат на електричната мрежа над нив, сличен на тој што го користат трамваите. За разлика од нив, камионите ќе можат да се прикачуваат и откачуваат на електричниот систем по потреба, што ќе им овозможи да се престројуваат во ленти, да ја прилагодуваат брзината, но и да возат по патишта кои сé уште не се опремени со мрежата.
еHighway е дело на Scania и Siemens. Досега, направени се два дизел хибридни камиона со цел да го тестираат системот во период од две години. еHighway ќе се тестира и во САД, а инсталацијата на 3.2 километри долгиот електричен автопат започна неодамна.
Според Андерс Берндтсон од Шведската администрација за транспорт, eHighway ќе ѝ овозможи на Шведска да ја намали употребата на фосилни горива, без драстично да ја смени својата инфраструктура.
„Убедливо најголемиот дел од стоката во Шведска е транспортирана на патиштата, но само мал дел од неа може да биде префрлена на други средства за транспорт“, изјави за Форбс. „Токму затоа мораме да ги ослободите камионите од нивната зависност од фосилни горива, за да можат да бидат користени и во иднината. Електричните патишта овозможуваат такво нешто и се одлично дополнување на транспортниот систем“.