Швајцарците на референдум ќе го бранат плаќањето во готово

Граѓаните на Швајцарија на референдум ќе одлучат дали сакаат да го задржат плаќањето во готово, соопшти денеска здружението „Слободно швајцарско движење“ (FBS), откривајќи дека собрало доволно потписи за организирање јавното изјаснување.

Во многу економии низ светот готовинското плаќање полека испаѓа од употреба, бидејќи електронските плаќања стануваат стандард за трансакции во дигитализираните општества, што ѝ го олеснува на државата да ги следи постапките на своите граѓани, наведува здружението.

Здружението сака швајцарскиот закон за валути, што регулира како централната банка и владата управуваат со понудата на пари, да додаде одредба дека секогаш во оптек мора да има „доволно количество“ банкноти или монети.

ФБС соопшти дека собрала повеќе од 111.000 граѓански потписи за поддршка на референдум за ова прашање, десет илјади повеќе од пропишаниот минимум од 100 илјади.

Прочитајте и:  Полска компанија илегално испорачала стотици илјади парчиња швајцарска муниција во Украина

Според швајцарскиот систем на директна демократија, доколку добие поддршка од гласачите, предлогот ќе стане закон, иако владата и парламентот мора да одлучат за неговото спроведување.

„Јасно е дека… отфрлањето на готовината не само што ги покренува прашањата за транспарентноста, едноставноста или безбедноста… туку носи и голем ризик од тоталитарен надзор“, изјави претседателот на ФБС, Ричард Колер, на веб-страницата на групата.

Според него, Швајцарија треба да ја преземе главната улога во одбраната на готовината во Европа, бидејќи инсистирањето на такви гаранции во ЕУ би вклучило „речиси невозможен“ процес за добивање дозволи од сите 27 земји-членки.

МИА

- Реклама -