Ако возите во регионот Erlenbach im Simmental во Швајцарија, по должината на главниот пат, всушност ќе минете низ огнено стрелиште, а над главата ќе ви просвират и неколку куршуми. Звучи лудо, но патот влегува во рамките на стрелиштето Brünnlisau, во квартот на Niedersimmental, во кантонот Берн.
Кабината за стрелање всушност е сместена на подигната платформа, а метите се поставени на падината на ридот од другата страна на патот. Растојанието помеѓу двете е 300 метри.
Иако делува крајно опасно, стрелиштето всушност не претставува ризик за околината. Оградено е со дебел бетонски ѕид кој го заштитува патот, спречувајќи ги случајните истрели кон возилата што минуваат тука.
Вакви стрелишта воопшто не се нешто необично во Швајцарија. Друго слично има во близина на границата со Германија, а таму меѓу кабините за пукање и метите има ем пат, ем поле на кое паси добиток. Слични стрелишта има и по целиот свет, сигурно.
* * *
Е сега, ако не знаевте, Швајцарија е во голема љубов и негува прилично либерална политика кон оружјето. Податоците значително варираат, но се смета дека Швајцарија е втора (во најлош случај четвртата) во светот, веднаш зад САД, по стапката на легално поседувано оружје по глава на жител. А сепак, стапката на уличен криминал поврзан со употребата на огнено оружје, е изненадувачки ниска.
„Една од причините што нивото на криминалот во Швајцарија е ниско, и покрај големата распространетост на оружјето, е културата на одговорност и безбедност која е длабоко вкоренета во општеството и се пренесува од генерација на генерација“, пишува Елена Баман за Time.com.
Во земјата постојат околу 3.000 стрелачки клубови, со вкупно околу 150.000 членови, меѓу кои и млади. Децата се запознаваат со огненото оружје, и учат да пукаат уште на 12-годишна возраст.
Најголем дел од оружјето поседувано од цивили, всушност е воено оружје што им е предадено при завршувањето на задолжителната воена служба. Секој граѓанин од машки пол меѓу 18 и 34 години се смета за војник-резервист, и има право да поседува лично оружје.
Баман пишува: „За разлика од некои други тешковооружени народи, поседувањето на оружје во Швајцарија е длабоко вкоренето во чувството за патриотска должност и национален идентитет. Оружјето се чува дома, бидејќи се знае дека непријателите можат да упаднат во малата Швајцарија за многу кратко време, па секој војник треба да биде во состојба да се бори по патот кон неговата воена чета“.
Се смета дека моќната армија го одвратила и Хитлер подалеку од Швајцарија за време на Втората светска војна, а и во иднина продолжува да ја брани територијата на земјата од потенцијални непријателскии напади.
„Во Америка поседувањето на оружје е за самоодбрана, а во Швајцарија тоа е во контекст на националната безбедност“, вели Ема Џејн Кирби за BBC. „За многу традиционалисти, пиштолот во домот стана метафора за независна, добро утврдена Швајцарија, која ја задржала територијата и низ две светски војни“.
Се разбира, при споредбата со САД, во примеров, Ема Џејн пропушта да го спомене фактот дека стапката на сиромаштија во САД и Швајцарија драстично се разликува, а и дека голем дел од „традиционалистите“ во САД се повикуваат на правото на поседување на оружје како единствено средство за контрола врз власта (макар што Џим Џефрис има добра поента на темата). Како и да е, Швајцарија останува да биде пример за тоа дека проблемот не е во оружјето, туку во културата и односот кон истото.