Швајцарија, на барање на Зеленски, се согласи да биде домаќин на мировниот самит

Зеленски е во Швајцарија, а треба да се сретне со други светски лидери на Светскиот економски форум во Давос

Швајцарија денеска се согласи да биде домаќин на глобален мировен самит за Украина на барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Неутралната Швајцарија претходно дејствуваше како посредник за решавање на конфликтот и сега може да помогне да се најде решение за војната што започна со руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.

„На барање на украинскиот претседател, Швајцарија се согласи да биде домаќин на самитот за формулата за мир. Сега се разработуваат други детали“, соопшти швајцарската влада.

На заедничката прес-конференција со швајцарската колешка Виола Амхерд, Зеленски не даде опширна листа на учесници на планираниот мировен самит.

„Отворени сме за сите земји кои го почитуваат нашиот суверенитет и територијален интегритет, затоа извлечете заклучоци за тоа кого ќе поканиме. Би сакале глобалниот југ да биде присутен… За нас е важно да покажеме дека целиот свет е против агресијата на Русија и дека целиот свет е за праведен мир“, рече Зеленски.

Ниту Зеленски ниту Амхерд не дадоа никакви детали за тоа кога и каде би можел да се одржи самитот во Швајцарија. Тие истакнаа дека нивните тимови ќе започнат со организирање на самитот во вторник.

Прочитајте и:  Идна надворешна политика на ЕУ: Главна е поддршката за Украина, поделба на Косово не доаѓа предвид

Зеленски е во Швајцарија, а треба да се сретне со други светски лидери на Светскиот економски форум во Давос.

Меѓу високите личности со кои би можел да се сретне е и кинескиот премиер Ли Кианг, кој исто така оваа недела е во Давос.

Зеленски за прв пат ја објави формулата за мир

Украина во неделата рече дека е од витално значење Пекинг да биде вклучен во разговорите за ставање крај на конфликтот.

Зеленски денеска изјави дека Кина, еден од клучните сојузници на Русија, игра „голема улога“ во светот и сака Пекинг да учествува.

„Многу би сакале Кина да биде вклучена во нашата (мировна) формула, како и на самитот. Но, не зависи се од нашите желби“, рече Зеленски

Зеленски прв пат ја објави својата мировна формула на самитот на Г20 во ноември.

Неговата формула за мир бара обновување на територијалниот интегритет на Украина, повлекување на руските трупи и прекин на непријателствата, како и ослободување на сите затвореници.

Кремљ денеска ги отфрли разговорите во Давос за мировните предлози на Украина, велејќи дека ништо нема да се постигне бидејќи Русија не е вклучена во дискусиите.

- Реклама -