Швајцарија и сандачињата за напуштени бебиња

SONY DSC

Минатиот месец, во Сион, Швајцарија го отвори осмото „окно за бебиња“, и покрај тоа што некои го сметаат пристапот за контроверзен. Еве за што се работи.

Како што веројатно заклучивте од насловот, „окно за бебиња“ е еден вид сандаче каде што родителите што не се подготвени да се грижат за детето можат да го остават своето новороденче, а притоа да бидат сигурни дека ќе биде безбедно и згрижено внатре во центарот за грижа, без притоа да страдаат од некакви легални последици за тоа што го напуштиле.

Иако идејата денес се смета за контроверзна, родителите што ги напуштаат новородените деца се далеку од нов феномен. Економската несигурност, несаканите бремености, небезбедните домашни услови, владините полово-рестриктивни политики или недостатоците при раѓање отсекогаш низ историјата биле фактори за тоа некои бебиња да бидат оставени пред нечија туѓа врата, веројатно како начин да се избегне инфантицид или абортус.

Паралелно, Католичката црква и женските манастири – жестоки адвокати за правото на децата на живот – згрижувале напуштени деца уште од самото постоење. Уште од Средниот век, родителите на напуштените деца често ги оставале во таканаречените „foundling wheels“ на споменатите религиски институции.

foundling-wheel[1]
Средновековно окно за бебеиња

Неколку векови подоцна, идејата е во принцип иста, со тоа што денес постојат повеќе места што прифаќаат напуштени новороденчиња и многу повеќе семејства/родители се амнестирани од легална одговорност за напуштање на своето дете.

Од друга страна, се јавува нов проблем. Психологот на Универзитетот во Нотингем – Кевин Брауни, за Би-Би-Си вели: „студиите во Унгарија покажуваат дека не секогаш мајките се тие што ги оставаат бебињата во ваквите кутии – често се роднини, макроа, очуви, татковци“. Според Комитетот за детски права на ОН (UNCRC), проблемот се јавува бидејќи не постои начин да се дознае дали мајката е согласна со напуштањето или била присилена да си го даде бебето.

Пропонентите, пак, на „бебешките окна“ тврдат дека кога овие „сандачиња“ не би постоеле, тие што не сакаат да се грижат за нивните бебиња би ги оставале на улиците – далеку поопасна судбина за едно такво дете. Што ќе рече Сандро Фоиада – директор на швајцарска болница: „Напуштањето на новороденчиња постои, а ако овие окна помогнат да спасиме барем едно, трудот целосно се исплати“.

Контроверзата е следнава: Дали бебешките сандачиња ги промовираат правата на бебињата со тоа што им овозможуваат опстанок, или им го одземаат правото со тоа што ја бришат секоја можност детето да го знае своето потекло? Од друга страна, дали тоа што бебешките окна го поедноставуваат процесот на напуштање на своето бебе – не охрабрува поголем број родители да направат такво нешто? Од трета, дали е толку страшно да се охрабруваат родителите што воопшто размислуваат да си ги остават бебињата – да ги остават бебињата?

Има доста простор за вербални и ментални мастурбации околу тоа што е исправно, а што не, но едно е јасно – во пракса, овие окна значат спасени животи.

Оттаму, Швајцарија не е единствената земја што ги користи. Во последната декада, бебешките окна бележат пораст и стануваат глобален (и легален) феномен. Во САД, на пример, легално е да го оставиш бебето во одредени институции во сите 50 држави, со тоа што максималната прифатлива возраст варира. Повеќето прифаќаат бебиња стари до 30 дена, но Јута прифаќа бебиња стари до 3 дена, а Северна Дакота и до 1 година. Пораст на бројот на бебешките сандачиња има и во Кина, Република Чешка, Австрија и Германија.

Прочитајте и:  Полска компанија илегално испорачала стотици илјади парчиња швајцарска муниција во Украина

baby-box_3565906k[1]

Сандачињата за бебиња во Швајцарија

Возрасниот – не мора да биде мајката – едноставно оди до „сандачето“, го отвара и го остава бебето внатре во затоплената лулка. Потоа го подигнува флаерот со наслов „Писмо за мајката“, кој ја информира за тоа каде може да добие медицинска или финансиска консултација. Три минути откако бебето е оставено, се вклучува аларм и некој од болницата/институцијата доаѓа да го земе бебето. Паузата од три минути постои со цел возрасниот да има доволно време да ја напушти областа без да биде виден или забележан.

Во 2001-та, швајцарската фондација за анти-абортус Swiss Aid for Mother and Child (SAMC) го воспостави првиот официјален „прозорец за бебиња“ во една болница во Ајнсиделн. Цела декада, тоа беше единственото сандаче за бебиња во земјата, но од 2012-та беа отворени и други.

Според една анкета од 2011-та, направена од Гардијан, 87% од Швајцарците рекле дека кутиите за бебиња се „многу корисни“ или „корисни“, а повеќе од четвртина од прашаните сметале дека секоја болница треба да има таква.

Инфантицидот и напуштањето се ретки во Швајцарија, па многумина сметаат дека бебешките окна се чисто емотивен одговор на проблем кој всушност и не постои. Нема официјална информација за бројот, но SAMC тврди дека од 2001-та, околу 16 бебиња биле оставени во овие швајцарски институции. Според Обединетите Нации, од 2000 до 2012 година, околу 400 бебиња се оставени во бебешките окна ширум Европа.

Што се случува со бебињата и што ако се премисли родителот?

Неколку дена по оставањето, бебињата се сместуваат кај згрижувачки фамилии. По минимум една година, бебињата се даваат на посвојување. Во меѓувреме, родителите имаат една година да решат да си го земат бебето, пред да биде посвоено.

Критиките

Дел од опонентите велат дека бебешките окна се проблематични од аспект дека нецелосно го разбираат женското здравје. Според нив, од најголема важност за мајката и за нејзиното бебе е да имаат пристап до сите здравствени сервиси, пред, за време и по раѓањето. Тие бараат обезбедување на основни услови во кои мајката би можела да биде згрижена, и од медицински, и од психолошки, и од општествен аспект.

Веројатно тоа би било идеалното решение, згрижување и на мајката, со сé бебето, но тоа е скап и комплициран процес, а некогаш зависи и од мајката – која може да се покаже како пречка.

Другите валидни критики се дека сандачињата за бебиња прават многу малку за да го адресираат проблемот за кој велат дека го решаваат, алудирајќи на тоа дека инфантицид и понатаму се случува во многу земји, и покрај постоењето на овие окна.

Како и да е, се чини дека Швајцарија барем, нема намера да се откаже од нивната употреба.

- Реклама -