Еден произведувач на сирење од региониот Ементал во Швајцарија експериментира со различни музички стилови за да види дали тоа ќе има некаков ефект врз вкусот на сирењето, т.е. дали ќе го направи подобар.
Уште од септември, Бит Вампфлер ги третира своите сирења со музички ремек-дела од разни бендови и жанрови – од рокот на Led Zeppelin па до хип-хопот на A Tribe Called Quest, во надеж дека музиката ќе влијае на развојот (стасувањето), карактеристиките и вкусот на сирењето што го произведува. Вампфлер е убеден дека покрај влажноста, температурата и нутриентите, на вкусот на сирењето влијаат и звуците, ултразвуците и музиката.
Иако идејата на Вампфлер можеби звучи лудо, тој всушност успеал да довлечка пар научници од Универзитетот за уметности во Берн да се приклучат на експериментот. На почетокот тие биле скептични, но потоа откриле дека постои научно поле наречено сонохемија – кое се бави со импактот на звукот врз цврстите тела и хемиските реакции, и одлучиле дека „лудиот производител на сирење“ сепак може да е на добар траг.
„Се обидуваме да… го одговориме прашањето: На крајот, дали има нешто што е мерливо? Или нешто што има ефект на вкусот?“, вели Михаел Харенберг – музички директор на Универзитетот на уметности.
За да ја тестира теоријата, Вампфлер инсталира мали звучници под тркалата Ементалер сирење, поделени во неколку групи, според музичкиот жанр. Некои сирења, како што спомнавме, стасуваат на Led Zeppelin и A Tribe Called Quest, други на техно, трети на амбиентална музика, четврти на класични ремек-дела како тие на Моцарт.
„Дали сирењето ќе има подобар вкус? Тешко е да се каже“, вели Вампфлер, додавајќи дека ако се покаже дека одреден музички жанр може да го направи неговото Ементалер сирење повкусно, би сакал тоа да биде хип-хоп.
Ефектот од разните музички жанрови врз сирењето на Вампфлер ќе биде оценуван од жири составено од експертски тестери на вкус на сирење, на 15 март следната година.