Македонскиот селектор Звонко Шундовски не го криеше разочарувањето од слабата игра на своите избраници на дуелот против Чиле, меч што „црвено-жолтите“ со многу мака го добија едвај со два гола разлика. Потенцирајќи го лошиот однос кон играта како главна причина за бледото издание, Шундовски најави дека македонските ракометари ќе се прикажат во далеку подобро светло на дуелот со Катар што ќе се игра утре со почеток во 18 часот.
„Разочаран сум од начинот на кој што го игравме овој натпревар. Моите ракометари мора да разберат дека на секој натпревар мора да се игра максимално ангажирано. Разочаравме од секој аспект на играта, премногу лабаво влеговме со очекување дека без борба ќе славиме. Тоа не се случи, многу грешевме и му дозволивме на противникот да остане во мечот во текот на сите 60 минути. Искрено верувам дека ова е наш последен лош меч на шампионатот и од утре ќе почнеме да играме како што знаеме“ – изјави селекторот Шундовски.
Според Шундовски, стручниот штаб ги имаше анализирано сите противници, ракометарите добро ги знаеја квалитетите на Чилеанците, но се било попусто кога планираното не се спроведе во дело на теренот.
„Долго се подготвувавме за овој шампионат, ги анализиравме противниците, но никако не можеме да го промениме оној наш менталитет. Без оглед на противникот мораме да играме 100%, бидејќи тоа е единствениот пат кон успехот. Имавме слабо движење, не игравме со топка. Анализата покажа дека имаме преку 20 технички грешки, што е премногу за било кој меч, особено на еден светски шампионат. Задоволен сум само што победивме, од друга страна сум изнервиран од нашиот пристап. До утре може да се сменат многу работи, проблемот ни е во „главата“, тоа може да се смени и за еден час, а ние имаме доволно време за да го покажеме своето вистинско лице“ – порача македонскиот кормилар.
Искусниот Ванчо Димовски исто така беше разочаран од она што се случуваше на теренот во арената во Севилја, но и тој како и Шундовски изрази оптимизам дека македонскиот национален тим ќе се прикаже во далеку подобро светло на преостанатите средби од шампионатот.
„Сега почнувам да размислувам што ќе се случеше ако загубевме, тоа ќе беше тотална хаварија. Мораме да бидеме среќни што победивме, но и да знаеме дека немаме многу време за подготовки. Селекторот верува дека можеме да играме подобро, ние гарантираме дека ќе биде така. Направивме премногу, дури 22 технички грешки, тоа е превисока бројка, со која што не може да се совлада ниту една селекција со квалитет сличен на нашиот. Ние ги победивме Чилеанците, па сега имаме доволно време за да си ја вратиме самодовербата и да се прикажеме во подобро издание почнувајќи од утрешниот дуел со Катар“ – истакна Димовски.