Шумските пожари во 2017-та се глобален феномен

Светот периодов е во оган. Масивни пожари беснеат/беснееја во САД, Канада, Русија, Јужна Америка и ширум Европа.

Во САД, врз основа на изгорената површина, оваа година е полоша од просекот. Досега се изгорени 5.6 милиони акри површина, т.е. 1.8 милиони акри повеќе од просекот од 3.8 милиони акри во изминативе 10 години (до овој дел од годината). Во Невада велат дека ова е најлошата година во последните 15, а Монтана веќе го има потрошено противпожарниот буџет.

Мапа на пожари во Северна Америка, заклучно со 4-ти август.

Во Канада исто така гори, особено во канадската Британска Колумбија. Ова е втората најлоша сезона на пожари регистрирана во реонот, а пожарите ги забележаа и сателитите на НАСА. Чадот, носен од ветерот, оди преку границата и стигнува до Сиетл во државата Вашингтон, која исто така поминуваше низ топлотен, со измерени рекордни 34 степени на аеродромот Такома. Просечната горна граница во регионот, за овој дел од годината, изнесува 25 степени. Со оглед на топлотните бранови и тоа што регионот е неприродно сув, не е чудно што шумските пожари чукаат на вратата.

Во Европа ситуацијата е далеку пострашна, што се гледа и од мапите на Европската комисија. Делува дури и апокалиптично, особено во Италија и Романија. Тоталната изгорена површина е веќе околу 3 пати над просекот на површина што гори во летните пожари. Во јуни, за еден викенд, во Португалија умреа 60 луѓе како последица на шумски пожари. А како што се гледа од мапите, пожарите како да немаат намера да се повлечат. Делумно, тоа е поради пожешките, посуви температури.

Не за џабе Европа го нарече топлотниот бран „Луцифер“ – што алудира дека моментално Европа преживува низ пеколот. Според европските извештаи, истражувачите велат дека вината е кај климатските промени, бидејќи повисоките температури ја продолжуваат сезоната на пожари, со потенцијал ваквото жешко време да стане новото „нормално“ во регионот. Порано пролетва, Ирска – која важи за влажна земја, исто така се бореше со пожари, делумно поради 75% пониските врнежи на дождови.

Прочитајте и:  Просечната температура во 2024 година ќе го надмине прагот од 1.5 степени

Шумски пожари го мачат и Сибир во Русија (исто така се снимени од сателити на НАСА), како и големи делови од Бразил. Во јуни гореше Јужна Африка, а во февруари (за време на нивното лето) и Нов Зеланд, како и Чиле во јануари.

Пожарите во Сибир, на сателитска снимка од НАСА.

Зголемениот број на шумски пожари е едно од сценаријата кои се предвидуваа(т) во контекст на климатските промени. Повисоките температури водат кон повеќе испарување и посува почва – т.е. совршени услови за пожари. На Западот потоплите температури значат порано топење на снегот (каде што воопшто се наталожил), што директно резултира со подолг период на сува почва и подолга сезона на пожари.

Истовремено, како индиректна последица од климатските промени се јавува и нова закана, во форма на зголемување на бројот на инсекти кои ги убиваат дрвата и растенијата. Мртвите растенија се дополнителна храна и подлога за ширење на пожарите. Затоа сега, да речеме ако настане пожар по удар на гром, условите се поволни за да гори пожешко и да се шири подалеку.

Паралелно, се случува сé поголемо ширење на инвазивни видови треви (како „сува трева“), кои исто така им даваат „гориво“ за ширење на пожарите. Ваквите треви цветаат во есен, растат преку зимата, а во јуни животниот циклус им е на крај, што резултира со суви дрвенести треви – перфектна подлога за оган. Згора на сé, оганот не им пречи на ваквите треви, па откако пожарот ќе ја збрише површината, овие треви се првите што одново растат на истото место, повторно создавајќи површина со поголеми шанси да гори.

Анализата на податоците покажува дека некои од пожарите можеби ќе горат барем до октомври.

- Реклама -