Легендарниот возач во Формула 1, Михаел Шумахер е парализиран, во инвалидска количка и има проблеми со меморијата и говорот, соопшти поранешниот пилот Филип Стрејф.
Шумахер во почетокот на септември се врати во својот дом и оттогаш информациите за неговата состојба речиси исчезнаа.
Тој доби тешка повреда на главата по падот за време на скијање на француските Алпи на 29 декември минатата година и долго време беше во кома. Во април беше забележан прогрес во неговата состојба. Два месеци подоцна стана познато дека Шумахер излегол од кома и е транспортиран во рехабилитациона клиника во Лозана. Неговата сопруга Корина тогаш соопшти дека неговата состојба се подобрува, иако бавно.
„Шумахер е подобро, но сè е релативно. Тој не може да зборува. Парализиран е и се наоѓа во инвалидска количка, исто така има проблеми со меморијата и говорот. Во семејна средина, тој ќе може да се опорави побрзо, но ќе биде тешко “, вели Стрејф пред Europe 1.
Поранешниот возач зборува и за судбината на Жил Бјанки, кој исто така доби ужасна повреда во главата, но во трка во Формула 1.
„Не е многу добро што тој досега е во кома. Ако излезе од неа, најверојатно ќе остане инвалид. Според мое мислење, неговиот инцидент беше многу посериозен отколку оној на Шумахер, уште потежок “, вели Стрејф.
Самиот тој е прикован во инвалидска количка поради тешка несреќа, која што ја претрпе за време на предсезонските тестови во Бразил во 1989 година