Што значи „бакрач“

Бакрач е збор со турско потекло и значи котел, обично бакарен, доле поширок, а горе потесен. Бакрач настанал од зборот бакар, збор исто така преземен од турскиот јазик, каде гласи bakir.

Кај народот, бакрач најчесто се користи  во изразот „Ма какви бакрачи“ (друга употреба немаме слушнато), со што се означува нешто неважно, нешто што е одбивно, нешто достојно за презир… На пример: „Македонски фудбал? Ма каков фудбал, какви бакрачи!“.

А изразот веројатно потекнува од праксата старите, дотрајани и поцрнети бакрачи („ма какви црни бакрачи“) да се фрлаат во дворот или на таванот, и да се заменуваат со нови. Старите бакрачи останувале како видлив дел од отпадот, па така, за сé што е старо, расипано, некорисно, неупотребливо – можело да се рече „ма какви бакрачи“.

Според другата теорија, изразот можеби настанал како мера за споредба на старите и новите вредности. Имено, бакрачот бил дел од семејното огниште и како средство за подготовка на храна, завземал централно место во семејниот дом. Со самото тоа бил и високо вреднуван во системот на семејни вредности. Меѓутоа, со брзиот технолошки развој, бакрачите т.е. огништата, се заменети со шпорети. Оттука бакрачот можел да се искористи и како споредбена мера во однос на нешто посовремено, повредно, подобро. На пример, „Ма какви бакрачи, готвам во микробранова!“

- Реклама -