Дубаи е познат, можеби во најголем дел, по луксузните автомобили што се насекаде низ улиците на градот. Од друга страна, сообраќајните несреќи се честа причина за смрт во ОАЕ – една смрт на секои 26 часа. Пребрзо возење, користење на мобилен за време на возење и неупотребата на појас се најчестите фактори за несреќите.
Па, кога треба да се справите со таков луксузен и екстра-брз сообраќај, ви треба еквивалентно способна полиција, не?
Тамошната е повеќе од тоа. Не само што е способна, туку е за на изложба. Луѓето застануваат и фотографираат кога поминуват чуварите на редот и мирот, не само бидејќи автомобилите се од најпознатите и најскапите производители на спортски автомобили, туку се всушност и најновите модели на располагање.
Подобро да си немате работа со нив, бидејќи секој од овие автомобили може да крене над 305 километри на час, што ја прави дури и најнаивната помисла на бегство – смешна!
Посмешно е што, откако Дубаи ги воведе овие автомобили во полициските патроли, возачите се почесто се обидуваат да „избегаат“, во надеж дека ќе бидат фатени и ќе добијат шанса да се повозат во врвот на луксузот, макар и во лисици. „Смешно е што луѓето не молат да ги уапсиме за секакви причини, само за да добијат возење во Ферари-то“, вели Мариам Ахмед – возач на патролното Ферари FF. „Прв пат возам спортски автомобил. Неверојатно е! Ми недостига автомобилот кога не сум на должност“, додава не баш гордиот сопственик на свој Тојота Ленд Крузер.
Последниот новитет во полициската гаража на Дубаи е 280.000 долари вредниот Мекларен MP4-12C. Од неодамна, тој им прави друштво на останатите патролни возила, меѓу кои Ламборџини, Астон Мартин, Бентли, Ферари и Шевролет.
Уште еден импресивен член на флотата е 350 км/ч брзиот Ламборџини Авентадор – лимитирана едиција. Калифа Абдула Мохамед, среќникот што го вози овој суперавтомобил споделува: „Највоодушевувачко нешто кога возите ваков автомобил е начинот на кој луѓето гледаат кон вас со огромна насмевка“.
Полицајците мораат да поминат сериозни возачки курсеви и тестови пред да добијат дозвола да возат едно од овие „чудовишта“. Очигледно, влезот во елитната возачка единица е неверојатна привилегија и признание.