Што така одеднаш западните медиуми се сетија на Баба Ванѓа?

За арно или за лошо, вчера Русија повторно го избра Владимир Путин за претседател, и тоа со рекордно висок број на гласови. Речиси 80% од гласачите гласаа за Путин. Но, како оваа вест ги поттикна западните медиуми и, особено Дејли Мејл, да се сетат на пророчицата Ванѓа? Причината е повеќе од интересна.

Ја нарекуваат „бугарска пророчица“, „Петричка врачка“ и „Балканскиот Нострадамус“, бидејќи, наводно, бабичката од Струмица (да, од Струмица, не знаевте?) неколкупати досега имала запрепастувачки точни предвидувања. Според Дејли Меил, едно од нив е трагедијата што засекогаш ги одбележа САД – нападот на кулите-близначки на 11-ти септември 2001 година.

Фото: Милан Христев, Баба Ванѓа – најголемата бугарска пророчица, јуни 1994 година.

Уште поинтересно е што Ванѓа наводно гледала со децении унапред во иднината, па и до ден денес продолжуваат да излегуваат нејзини предвидувања за кои досега немаме слушнато. Имено, иако умира во 1996 година, Ванѓа (наводно) успева да предвиди како ќе се развива светот дури и по крајот на нејзиниот живот на Земјата – Ванѓа ја гледа Русија како обединител на светот, заедно со Индија и Кина, пишува британскиот таблоид.

Прочитајте и:  Зеленски: Украина можеби ќе треба да почека и да го надживее Путин за да си ја врати територијата

Уште поинтересно од поинтересното е дека Ванѓа на чело на таа обединувачка Русија го гледа токму, се чини, Владимир Путин.

Во 1979 година таа за рускиот писател Валентин Сидоров изјавува дека Европа ќе се претвори во пустош, и тогаш Русија, а особено Путин (?) ќе почне да владее со светот:

„Сé ќе се топи како мраз, а само еден ќе остане недопрен – славата на Владимир и Русија“, се нејзините точни зборови. Внимавајте, никаде не спомнува „Путин“.

Според Баба Ванѓа, наводно, популацијата на Европа драматично ќе се намали до крајот на 2016-та година, а луѓето ќе бидат отруени и ќе страдаат од ужасни болести. Тогаш, предвидува наводно пророчицата, никој нема да може да ја запре Русија, и таа ќе загосподари со светот.

Во меѓувреме, Владимир Путин е на чело на Русија веќе повеќе од 18 години, а се чини дека неговата сила, енергија и харизма (да не речеме моќ) се безгранични, како што уште еднаш покажаа изборите вчера во Русија.

- Реклама -