Британските пратеници се на велигденски одмор – еден од купот празници на кои им се изнарадуваа во последните 12 месеци. Се очекува оваа парламентарна сезона тие да работат само 147 дена, со што тоа ќе биде и најкраткиот период во целата историја на Велика Британија.
Во меѓувреме, додека пратениците се на пауза, во земјата се разгоре криза во челичната индустрија. Токму заради оваа причина, синдикатите повикаа премиерот Дејвид Камерон да го прекине пратеничкиот одмор. Но, и самиот тој е на летување – на шпанскиот остров Лансароте.
По правило, пратениците ќе продолжат со работа дури во понеделник – на 11 април. А на 26 мај, пак одмор, овој пат до 6-ти јуни. После тоа, ги очекуваат нови две недели „излежување“, бидејќи во земјата ќе се одржува референдум за нејзиното останување во рамките на ЕУ. Повторно запираат со работа на 21 јули, кога започнува летниот пратенички одмор. Ќе работат само неколку дена во септември, само за работата да биде прекината повторно за три недели, поради партиска конференција.
И покрај изобилието од денови за одмор, минатата година пратениците од британскиот Парламент си ги зголемија платите за 11 проценти. Денес тие добиваат по 74 илјади фунти.