Дебатата околу тоа колку учествувале на протестот во Атина против Македонија (сосе името) сé уште трае. Споре грчката полиција – 140.000. Според организаторите – околу 1.5 милион Грци. Очигледно, едните и другите немаат намера да се сложат.
Но нели квалитетот е поважен од квантитетот? Да заборавиме на момент колку луѓе имало на протестите, и да видиме што луѓе имало на протестите.
Според истражувањето на KAΠΑ Research, 54% од Грците кои присуствувале на протестот рекле дека се наклонети кон политичката десница, само 15% се левичари, а 21% се сметаат за некаде во средината.
Протестот бил главно машки – 77% биле мажи, а „само“ 23% жени. Колку за споредба, во грчките протести против мерките за штедење во 2011 година, жени биле 44%.
Што се однесува до регионалната застапеност, 83% рекле дека се од регионот Атика (Атина и околината).
…
Како и да е, во овој наш текст ќе се фокусираме на староста, бидејќи сметаме дека за нас Македонците е можеби најважниот параметар. Ќе објасниме и зошто.
Имено, во протестот во неделата, над 72% од учесниците биле на возраст над 45 години.
Поконкретно, подредени по застапеност, 28% биле на возраст од 45-54 години, 25% на возраст од 55-64 години, 19% над 65 години и „само“ 14% на возраст од 35-44 години.
За споредба, во протестите против мерките за штедење учествувале 39% кои имале над 45 години, 25% на возраст од 25-34 години, 22% на возраст од 35-44 години, 11% на возраст од 17-24 години и 3% помлади од 16 години.
Со еден збор, учесниците во протестите против мерките за штедење биле многу помлади, со доминантно учество на возрасните групи меѓу 25-34 и 35-44 години. Во неделата, на протестот против Македонија, пак, доминантно присутни биле луѓето на возраст од 45-54 и 55-64 години.
…
Е сега, не сакаме да звучиме како слепи оптимисти, ниту да ги игнорираме купот фактори што влијаат на бројкиве, но нели можеби ова е индикатор дека помладите генерации Грци баш и не нé мразат (условно речено) колку што ни се чини, што впрочем и би се очекувало?
Не е ли ова можеби знак дека генерациите пораснати на интернет, кои имаат далеку поизразено чувство дека се граѓани на светот (а не на државата) па следствено и повеќе ги почитуваат основните човекови и меѓународни права (меѓу кои и тоа на самонарекување) – немаат проблем со нашето име?
И на крајот, во крајна смисла, не е ли ова знак дека ако условот е Македонија да прифати перманентно и неповратно решение на спорот за името на своја штета – дека е подобро спорот да биде оставен да го решаваат некои нови и пофилантропски генерации?