Што му порача претседателот Иванов на Папата Франциск

Папата Франциск утрово пристигна на скопскиот аеродром во својата прва историска посета на државава. Оттаму тој и делегациите се упатија во претседателската резиденција на Водно, каде пред да се обрати до јавноста, свое обраќање имаше и претседателот во заминување – Ѓорге Иванов.

Иванов го опиша Папата Франциск како симбол на љубовта и милоста, понизноста и служењето. Претседателот во заминување порача дека тој пат треба да го следиме и сите ние овде во Република Македонија, по што ги повика „сите луѓе со добра војла и чисти срца“ и сите негови сограѓани, без оглед на нивната припадност, да ја препознаат симболиката во посетата на Папата, и преку понизност, простување, помирување, сплотување, одговорност и почитување, да се вклучат во духовната обнова на Македонија, пред да биде, како што рече Иванов, предоцна.

Неговото обраќање во продолжение го пренесуваме во целост:

„Ваша светост, почитувани еминенции и екселенции, дами и господа, ми претставува чест и големо задоволство, како претседател на Република Македонија, во името на македонските граѓани, да му посакам најтопло добредојде на Неговата светост – Папата Франциск. Симболично, оваа историска посета се случува на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Светиот престол. Благодарни сме за континуираната поддршка за нашата европска интеграција и воопшто за напредокот на нашата држава. Одличните билатерални односи се надоврзуваат на длабоката и вековна доверба и почит на македонскиот народ кон Светиот престол.

Ваша светост, Вашата апостолска посета на Република Македонија е полна со симболика. Но тука има еден проблем. За современиот човек, симболот е испразнет од суштината. Слободата, еднаквоста, правдата, човековите права, се симболи што ги инспирирале генерации да се борат против ропството, сиромаштијата, неправдата и уништувањето. Денес овие зборови почнаа да го губат значењето, а кога зборовите и симболите го губат нивното значење, луѓето ја губат нивната слобода.

Но во христијанството симболот не е само сликовита претстава за суштината, туку сад што во себе ја содржи самата суштина на она што го претставува. Изворното значење на симболот е препознавање и поврзување на два дела од една целина кои иако долго време биле одвоени, сепак меѓусебно се совпаѓаат.

Посланието до Диогнет зборува за ваквата природа на симболот. Бидејќи христијаните не се разликуваат од другите луѓе според територијата, говорот или пак обичаите. Тие живеат во своите земји, но само како кираџии. Тие учествуваат во сè како граѓани, а го поднесуваат секое бреме како туѓинци. Секоја странска земја им е татковина, а секоја татковина – туѓина. Нивниот престој е на земја, но тие се граѓани на небото.

Христијаните се препознаваат и поврзуваат преку евхаристијата како симбол на прекршеното тело Христово. А Вие, Ваша светост, сте еден од симболите на тоа единство. Во нашата ера на консумеризам, корпоративизам и постхуманизам, Вие нас нè потсетувате дека постојат нешта кои имаат вредност, а немаат цена; светоста на човековиот живот, интегритетот на човековата личност, достоинството и различноста. Вие нè поттикнувате да ги земеме в предвид не само нашите непосредни потреби, туку и потребите на другите. Да направиме простор за другите во нашите животи и во нашите заедници. Да ги надминуваме сите наши семејни недоразбирања со љубов. Нè освестувате за незаменливата улога на жените. Со тоа станавте инспирација за милиони луѓе низ светот.

Но, како е тоа можно, во време кога во неброени политички декларации овие симболи беа сведени на разни формулации? Благодарение на Вашите дела, ние ја препознаваме суштината на симболите. Кај Вас зборовите се совпаѓаат со делата, а делата со вистинските потреби на човештвото. Затоа, длабоко сум убеден дека Вашите заложби за мир и единство, еднаквост и социјална правда, слобода на мислата, совеста и религијата, оддржлив развој и владеење на правото, прават реална разлика – зашто се симболи на обновениот свет.

Ваша светост, мојот мандат како претседател го завршувам со тоа што Ве пречекувам Вас во Република Македонија. морам да ви признаам дека бев во големо искушение да го искористам Вашето присуство и фокусот на светските медиуми и да зборувам сè најдобро за мојата држава и мојот народ. Би можел да се осврнам на мисијата на Свети апостол Павле во Македонија што го отвори патот за христијанството во Европа. Или пак за мисијата на Светите Кирил и Методиј и Свети Климент и Наум Охридски, кои придонесоа за културното и духовното издигнување на словенските народи. Би можел да го истакнам шествековното мирно искуство со исламот што позитивно го оформи македонскиот модел на соживот и почитување на различноста. Да не заборавиме дека најпознатата ќерка на тој и овој соживот стана мајката на 20-от век, Светата мајка Тереза.

Прочитајте и:  Папа Франциск: Лицемерните земји кои зборуваат за мир, а произведуваат оружје се виновни за војните

Искушението да зборувам за славното минато е големо. Но верувам дека е многу поважно да зборувам за неизвесната сегашност, колку и да е тоа тешко. А вистина е дека вие доаѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања, изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница. Децениските блокади на нашиот европски пат доведоа до политички и морални кризи што го намалија нашиот духовен идентитет и ги еродираа вистинските и трајните вредности. Крстот и полумесечината, црквата и џамијата, се злоупотребуваат како граничници и тврдини за маркирање и бранење на некакви си замислени територии. Како да се заборава дека сите ние сме луѓе, независно од нашата вера.

Само духовно променети луѓе можат да го променат духот на општеството. Но за тоа е потребна личност со голем морален авторитет, што ќе ѝ зборува на душата на нацијата. Длабоко сум уверен дека македонските граѓани, христијани, муслимани, евреи или атеисти, токму во Вашата светост гледаат таква личност. Затоа, симболично, како Македонец, замолив да дојдете во Македонија и да ни помогнете во духовната обнова на нашата татковина.

Ваша светост, иако сум православен христијанин, како претседател на секуларна држава, јас ги претставувам сите граѓани независно од нивните верски и идеолошки уверувања и етничка и јазична припадност. За повеќе од милијарда католички христијани во светот, Вие како поглавар на Католичката црква, го претставувате богочовекот Исус Христос. Го претставувате оној кој на последната вечера, свесен за страшните страдања што му претстојат, знаејќи со сигурност дека во неговите раце е целата моќ, станал од вечерата и понизно им ги миел нозете на своите ученици. Во изминатите неколку години, светот со зачуденост и неверување гледа како вие симболички го повторувате истиот тој чин. Вие се наведнувате да им ги измиете нозете на болните и сиромашните, на затворениците и бегалците, на гладните и жедните, на отфрлените и маргинализираните, независно дали се христијани, муслимани, евреи, хиндуси, будисти, атеисти.

Верувам дека Вашите дела не се само уште еден истрошен симбол. Напротив. Вие нè потсетувате дека иако нашата човечка љубов кон Бога и кон луѓето е променлива, Божјата љубов и верност кон нас луѓето е трајна. Со тоа, Вие го симболизирате патот на љубовта и милоста, понизноста и служењето. Пат што треба да го следиме и ние тука во Република Македонија, независно од нашата вера или нашата идеологија. Само така ќе можеме да им оставиме подобра иднина на младите и сè уште неродените.

И затоа, ќе завршам со еден повик до сите мои сограѓани, до сите луѓе со добра војла и чисти срца, независно дали припаѓаат на православната, католичката или протестантската гранка на христијанството, без разлика дали се муслимани, евреи или атеисти. Ве повикувам да ја препознаете симболиката на оваа посета и преку понизност и простување, помирување и сплотување, преку одговорност и почитување, да се вклучите во духовната обнова на Македонија, пред да биде предоцна.

Ваша светост, уште еднаш најискрено ви благодарам што дојдовте во Република Македонија“, заврши Иванов.

- Реклама -