Што може да научи тимскиот спорт од класичната музика

jose-mourinho-arsenal-v-chelsea_3295641[1]

Зошто виолинистите имаат ментори, спортистите тренери, а докторите немаат ни едно ни друго? Ова е прашањето што Атул Гаванде го поставува при самоанализата на својата кариера како елитен хирург. Ед Смит – поранешен крикет играч, инспириран од ова прашање, започнува да размислува за сличната ситуација во спортот, повлекувајќи паралели помеѓу спортските атлети и класичните музичари. За него е шокантно колку многу заеднички нешта има класичната музика со спортот: важноста и опасноста на нервите, тензијата помеѓу инстинктот и самосвеста, потерата и границите на техничката совршеност, балансот помеѓу професионалната анализа и одржување на дистанцата. Што ќе рече Смит, кога би ја заменил музичката терминологија со спортска, резултатот би бил идентичен на тоа што тој постојано го мислел во неговата спортска глава.

Проблемот, според него, е што постои централна разлика во сфаќањата на масите за тоа како се усовршуваат спортистите – од една и музичарите – од друга страна. Во класичната музика владее мислењето дека најбрилијантните изведувачи се резултат на докажани и ладнокрвни ментори. Музичарите знаат дека менторот го слуша поинаку она што го слуша публиката, а токму таквата дестилирана повратна реакција на менторот им е потребна за да можат да се самоанализираат и самоподобруваат. Сопранот Рене Флеминг, за менторите ќе рече дека се „надворешните уши“ на музичарот.

Спротивно, во тимскиот спорт владее друга атмосфера. Работа на тренерот е да ги дисциплинира и советува своите играчи – авторитет кој во најголема мера почива на тоа што тренерот ја има ултимативната моќ да одлучува кој ќе игра, а кој ќе седи на клупа. Спортистите често се потпират на независни ментори надвор од формалниот тренерски персонал, било да е тоа татко или тренер што работел со нив во младоста, но обично самите тоа го кријат, во обид да избегнат потенцијално непријателска реакција од официјалниот тренер.

Прашањето е: Зошто се очекува и се претпоставува дека еден тренер може да се поврзе – технички и емотивно – со секој играч од тимот, дури и во тимови со многу играчи со разни карактери?

Во индивидуалните спортови (голф и тенис) тренерот е избран од играчот. Во тимските спортови, обично е обратно. Тренерите имаат задача да ја усовршат техниката, но и менталниот мајндсет на нивните играчи, но често се случува тренерите да се фокусираат на одредени играчи малку повеќе, а на други премалку – до тој степен што можат да придонесат за крај на нечија кариера. Голем дел од тимските тренери чувствуваат внатрешен конфликт за тоа која им е одговорноста – од една страна треба да се приватен ментор и добар тренер кој потполно е на заедничка фреквенција со играчот; од друга, веќе следниот момент треба да се постават како ладнокрвен судија кој е заинтересиран исклучиво на перформансот.

Она што е чудно е дека ваквите сфаќања опстојуваат до ден денес. Се разбира, историјата има голема улога. Уште од почетокот, спортот бил славен како култ на саможртва. Индивидуалноста почна да се препознава дури во доцниот 19-ти век, кога организираниот спорт стана главна карактеристика на англиските јавни училишта. „Момче што учи за стипендија работи, не целосно, но главно за себе“, рекол пасторот Џ.Е.С. Велдон – тогаш директор на едно од најпознатите англиски училишта. „Но, момче што игра натпревар работи не за себе, туку за неговиот дом, за неговото училиште. Тоа е секогаш спремно да се жртвува себе си за успехот на првото или второто“.

Концептот „За тимот“ останува главната идеја во спортот. Проблемот е што сме во ера на професионален спорт, во кој играат и огромна популарност, огромни суми пари, а со тоа и огромна одговорност. Да, можеби велосипедистите на Тур Д’ Франс мораат да бидат несебични и да се прилагодуваат на потребите на главниот возач. Да, можеби фудбалските тренери од време на време ќе инсистираат некој од креативните играчи да ги потисне напаѓачките инстинкти за да исполнат поголема тактичка улога. Сепак, во најголем дел, спортистот му служи на тимот кога истовремено им служи и на своите лични интереси. Одбранбениот играч можеби ќе направи храбар лизгачки старт, ама пред сé тој за работи својата работа. Нема разлика помеѓу неговите лични цели и целите на тимот.

MALDINI[1]

За пример, еден од најдобрите одбранбени играчи во историјата на модерниот фудбал – Паоло Малдини, едвај некогаш да направи старт врз противнички играч. Тој беше толку технички вешт и интелигентен во неговата позициона игра што во просек имаше по еден старт на 1.8 натпревари.

А сепак, останува да живее стандардната претпоставка во спортот – не само помеѓу тренерите, туку и меѓу експертите и лаиците што ја оценуваат нивната работа – дека најдоброто решение за слаб перформанс е фокусирање на труд и работа, фокус кој обично се спроведува користејќи го гневот како алатка. Коментаторските фрази како „ќе паднат тешки зборови во соблекувалната после ова“ или „не би сакал да сум во близина на тренерот за време на полувремето“ се прецизна рефлексија на погорниот став. Во реалноста, ова е многу застарена премиса. Ерата на дебели и мрзливи спортисти, кои талкаат низ кариерата и се повеќе заинтересирани за алкохол и журки отколку за тренинг и самоподобрување, е одамна завршена. Во време кога играчите се следат преку GPS и имаат неделни тестови за телесни маснотии, нема баш потреба од воен генерал што ќе ги одржува во форма.

И пак, спортот продолжува да го оценува перформансот преку желбата и напорната работа, како трудот секогаш да е решението. Мотивацијата ретко е проблем. Професионалните спортисти обично се многу конзистентни во мотивацијата.

Во меѓувреме, посветувањето на „желбата за победа“ и „напорната работа“ го дефокусира тимскиот спорт. Најдобриот начин да подобрите спортски тим, скоро секогаш, е да ги подобрите перформансите на индивидуалните играчи. Вештината е главната валута. Од друга страна, вештината е и најтешкиот аспект за подобрување. Затоа, играчите и тренерите треба да размислуваат во насока на присвојување на музичарскиот модел. Наместо да мораат да се справуваат со лутите испади на гневните тренери, играчите – како и солистите и сопраните – треба да имаат свои „надворешни уши“.

- Реклама -