Што крчка Груевски во Будимпешта? Обичен ручек или нешто посериозно? „Фатен“ на камера или испланирано сценарио?

Со оглед дека првиот човек на „режимот“, иако осуден, не е во затвор – од една страна, но и поради сомнежите дека има директна помош од унгарските власти – од друга, извесно е дека фамата околу Груевски ќе потрае, а јавноста, особено унгарската и македонската, ќе го следат секој негов дури и најмал чекор, па и до степен на параноја.

Реалноста е дека и по еден месец од бегството на Груевски во Унгарија, нема (официјална) безбедносна проценка дали и колку Груевски може да ја чини Македонија во безбедносна смисла, со оглед дека станува збор за поранешен премиер кој десет години имал пристап до државни тајни и доверливи информации, пишува „Дојче веле“. Безбедносните институции се воздржани по ова прашање, а молкот го правдаат со познатото алиби „нужен молк додека трае истрагата“.

Во минатонеделното интервју за медиумот, сепак, премиерот Зоран Заев оцени дека не, Груевски не може да ја загрози безбедноста, но да, Груевски може да ја рани Македонија.

Делумно и од тие причини, „Дојче веле“ го поставува прашањето, истовремено повикувајќи ги надлежните служби да анализираат: Со каков профил на лица се среќава најпознатиот македонски азилант во Унгарија и за какви цели?

На слична линија се и дел од унгарските медиуми и јавноста, кои за разлика од македонската, која удри на сеир, повеќе се фокусираа на прашања и критика, иако дел од нив се дури и смешно банални. Ги изнајмил ли Груевски возилото и шоферските услуги, или тие му се дадени на користење од унгарските власти? … Интересно е – се шета на јавен простор, а се вози зад затемнети стакла! … Може да се открие чие е возилото, регистарската табличка се гледа на снимката. … Откако беше објавен на фотографија во црвена јакна, веднаш ја замени со сина. По оваа снимка веќе нема да го видиме ни во сината. Следната боја ќе му ја одредат тие што се грижат за него … Груевски не ручашe но можеби сепак добил ‘храна’, бидејќи од таму излезе со кеса. Или тој нахранил некого со содржината во неа?, пренесува „Дојче веле“ дел од коментарите.

Меѓу купот сеирџии, слични прашања и теории знаат да налетаат и во македонскиот простор. На пример, некои ги интересира зошто новинарот Барди Балинт, кој го објави видеото за унгарскиот „24.hu“, не му влетал на Груевски додека бил во скапиот ресторан, туку на излегување? Дали можеби затоа што новинарот е близок до власта на Орбан и можеби папараци „уловот“ е сепак во договор со Груевски, кој намерно се појавува во јавноста за Македонија да не го заборави? Кога е Груевски во прашање, коментираат таквите, и тоа е можно. А за евентуалните мотиви на Груевски зад таквото евентуално планирано присуство во јавноста, одговорот веројатно ќе го даде времето, ако воопшто постои одговор.

- Реклама -