Што ќе му се случи на смартфонот ако го фрлиш во вселената

Колку и да ги фалиме смартфоните како технолошко достигнување, нема да претераме. Но тоа не значи дека не ја гледаме и другата страна – тоа што ни го реметат мирот, што ни го трошат времето, што нé иритираат постојаните небитни нотификации, и што на човек му доаѓа да ги тресне од ѕид. Е, а што ако во такви моменти можеш да го џитосаш телефонот во вселената?

Тука веднаш ќе ни се нафрлат досадни ликови како Нил деГрас Тајсон. Ќе почнат да мрчат за гравитацијата и атмосферата, и за тоа дека за да го фрлиш телефонот во вселената треба да патува со 40.000 и кусур км/ч низ едно 500 километри атмосфера, што значи дека телефонот ќе се дезинтегрира дури и од самото забрзување или од самиот атмосферски отпор… Да, од 2013-та НАСА има посебна PhoneSat програма и често лансира телефони во вселената, но овие се сместени во сржта на сателитите, заштитени од надворешните влијанија.

Па ете, за да не досаѓаат, а за да се вратиме на првичното прашање, да претпоставиме дека некако сме го телепортирале телефонот во вселената.

Одговорот

Кога телефонот ќе одлебди во сенката на Земјата, ќе го дочека температура од едно -200 степени Целзиусови. Иако тоа не е студено како амбиенталната температура на вселената (се работи за преостаната топлина од Биг Бенгот, кога универзумот бил многу жешко место, наречена Cosmic Microwave Background), дефинитивно е доволно за да ја убие батеријата на смартфонот по кратка постапка. Само краток пад на температурата до -20°C може да го преполови животот на батеријата, а најниско што инженерите имаат успеано да направат литиум-јонска батерија да работи е на температура од -60°C.

Прочитајте и:  Трамп не успеа да го види фаќањето на ракетата на SpaceX, таа се спушти во Индискиот океан

Но како што вселената може да биде многу студена, исто така може да биде и многу жешка. Нашава Земја орбитира на околу 150 милиони километри од Сонцето, и пак, дури и овде, кога не би била атмосферата да нé заштитува, Сонцето има моќ да загрева објекти до околу 150°C. И ова би ја убило батеријата, но многу подраматично. Како што добро знаат сопствениците на Samsung Galaxy Note 7, литиум-јонските батерии не сакаат високи температури. Кога твојот телефон би одлебдил не кон сенката на Земјата, туку во обратен правец, кон директната сончева светлина, батеријата би се прегреала до точка на експлозија.

Но ај да се преправаме дека и екстремните температури во вселената не се доволни (дефинитивно се); тогаш на ред доаѓа радијацијата. Овде на нашава планета, магнетското поле на Земјата нé штити од широкиот спектар на електромагнетна радијација што демне низ космосот. Еднаш штом телефонот го напушти тоа поле, ќе биде изложен на целиот спектар. Тоа е проблем со кој сателитските инженери се борат дури и денес. Радијацијата ќе го уништи електричното коло на телефонот, а тоа ќе резултира со error-и во софтверот што ќе предизвикаат пад на системот, физичко оштетување на полупроводниците, или наталожување на електричен полнеж што порано или подоцна ќе биде ослободен и ќе го уништи телефонот. Истата оваа радијација е и причината што уште се двоумиме дали да пратиме луѓе на Марс – смртоносна е и за луѓето, и за машините.

Што не значи дека смартфоните не се технолошко ремек-дело, ама само овде, на Земјата.

- Реклама -