Што ќе беше да не беше 27-ми април?

Ако се суди според гласањето за (најновиот) Закон за амнестија, се остваруваат најавите дека зад промените на Уставот, како последна фаза од спроведување на Преспанскиот договор, можно е да застанат многу повеќе пратеници од неопходните 80. Всушност, таа бројка сега би можела да се движи и меѓу 90 и 100 пратеници.

Компромисите што се направија за да се стигне до такво мнозинство оставаат горчлив вкус во устите на многумина добронамерни, а и злонамерни проследувачи на македонската политика од сите сектори и провениенции во општеството. Повеќе морално-политички битанги веројатно ќе се спасат од заслужените правни последици за своите зли и насилни постапки низ коишто помина Македонија при конституирањето на легитимната власт во 2017 година, но во овдешниот политички резон, како што реал-политички стојат работите, и овој пат ќе превладее методот за остварувањето на „повисоката цел“ која ги оправдува средствата. За тоа е, практично, сè кажано во деновите зад нас.

Но, ако го вратиме „филмот“ пред дваесеттина месеци, во неколкуте чина од драмата околу април 2017 година, вреди да се извлечат и неколку ретроспективни, поучни заклучоци.

Имено, замислете како ќе изгледаше Македонија доколку на 27 април, лани, ВМРО-ДПМНЕ не влезеше во познатата авантура со обидот за спроведување насилен државен удар? Замислете доколку, само со извесна доза на „мрчење“, се согласеа на конституирањето на Владата на СДСМ и ДУИ, наместо што ги послушаа советите и наредбите на очајниот Никола Груевски, во содејство со разни негови први соработници (сосе оној на Водно), за насилно да ја зачуваат власта во свои раце?

Нема сомневање, да не беше таа опасна операција, состојбата со ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе изгледаше сосема поинаку. Во Собранието ќе имаа коалиција која, плус-минус, ќе броеше педесеттина пратеници, наместо сегашните дваесеттина вмровци, колку што останаа под „капата“ на партијата. И од тие дваесеттина, повеќето не се под контрола на нивниот партиски претседател, а половината се со кривични и политички „потерници“.

Да не го направеа 27 април, неоптоварена од насилствата, главната опозициска партија ќе имаше неспоредливо поголем маневарски политички простор дома, но уште повеќе надвор од државава. Од тогаш, наваму, нив никој не сака да ги види, како шуга да ги полазила. Политичките позиции ќе им беа многу покредибилни во сите аргументирања против политиките на власта, наместо вака, да се мотаат како мачки околу плот, бркајќи си ја опашката и докажувајќи дека насилниот патриотизам е легитимно средство во модерната политика… И заради 27 април, а и затоа што не смогнаа сила да ги осудат настаните и да се дистанцираат од нивните учесници, мисловно и идеолошки толку се занесоа кон десно, што ни зимски гуми не ги вадат од шарлатанската сцена на македонската крајна десница.

Целата статија на ПлусИнфо

- Реклама -