Што ги предизвика смртоносните поплави во Шпанија?


Катастрофалните поројни поплави во Шпанија, кои однесоа најмалку 217 животи, беа предизвикани од деструктивна метеоролошка појава во која студениот и топлиот воздух се судираат и формираат облаци со обилни дождови, шема која станува сѐ почеста, како што сметаат дел од научниците, поради климатските промени.

Феноменот е локално познат како DANA, што е шпански акроним за изолирана депресија на големи височини, и за разлика од обичните бури, може да се формира независно од поларните или суптропските млазни струења.

Кога студениот воздух ќе помине над топлите медитерански води, топлиот воздух брзо се издигнува и формира густи облаци полни со дожд кои можат да се задржат над истата област со часови, што ја зголемува нивната деструктивност. Понекогаш има големи бури со град и торнада како минатата седмица, велат метеоролозите.

Феноменот што ја погоди областа Валенсија беше најсмртоносниот во модерната шпанска историја и најкатастрофалната поплава во Европа од 1967 година.

Источна и јужна Шпанија се особено чувствителни на овој феномен, бидејќи се наоѓаат меѓу Атлантикот и Средоземното Море. Топлите, влажни воздушни маси се судираат со студените фронтови во регион каде што планините придонесуваат за формирање облаци и дожд.

Минатоседмичната DANA беше една од трите најсилни вакви бури овој век во Валенсија, изјави Рубен дел Кампо, портпарол на Аеmet, националната метеоролошка агенција.

„Прогнозите одговараа на она што се случи. Но, во областа меѓу Утиел и Чива, во провинцијата Валенсија, наврнаа повеќе од 300 литри дожд на метар квадратен. Во оваа област, системите за бура континуирано се формирале и се обновувале“, појаснува Дел Кампо.

Метеоролозите соопштија дека на 29-ти октомври во делови од Валенсија за осум часа наврнало годишното количество дожд. Областа обично е толку сушна што зависи од десалиназацијата на морската вода за нејзино снабдување со вода.

Експертите велат дека ќе биде потребно време да се анализираат сите податоци за да се утврди дали климатските промени се причина за катастрофата. Но, повеќето се согласуваат дека зголемувањето на температурите во Медитеранот и потоплите и повлажни атмосферски услови придонесуваат за почести екстремни временски непогоди.

„Ќе видиме повеќе вакви поплави во иднина. Тоа го има отпечатокот на климатските промени, и екстремно обилни дождови и разорни поплави“, смета Хана Клок, професорка по хидрологија на Универзитетот во Рединг во Англија.

Предупредува дека дури и раните предупредувања за обилни врнежи врз основа на веродостојни прогнози придонесуваат малку за да се спречат човечки жртви и дека луѓето мора да го разберат степенот на опасноста.

„Да им кажувате на луѓето дека многу ќе врне едноставно не е доволно… Видовме дека луѓето се изложуваат на ризик да возат низ поплави и имаше толку многу вода што ги поплави тие места“, додава Клок.

Пред да се воведе терминот DANA во раните 2000-ти, обилните есенски дождови, карактеристични за медитеранската клима, беа наречени „ладна капка“ во Шпанија и делови од Франција. Овој термин сè уште често колоквијално се користи, а потекнува од 1886 година од германските научници.

Во Аemet сметаат дека „ладната капка“ е застарен термин и ја дефинира DANA како затворена депресија на висока надморска височина која станала изолирана и одвоена од млазнотот струење. Феномените DANA понекогаш се неподвижни или дури се движат наназад, од исток кон запад.

- Реклама -