Синестезија е невролошко нарушување кое предизвикува мозокот да процесира информации во форма на неколку сетила одеднаш. На пример, лице со синестезија може истовремено да ги гледа звуците што ги слуша како флеки/форми/вртлози во боја. Научниците баш и не ја разбираат синестезијата, но сметаат дека е генетска, и се чини дека е почеста кај жени отколку кај мажи.
Но, сепак е ретко нарушување. Според Американската психолошка асоцијација (APA), синестезија има 1 на 2000 луѓе. Позастапена е кај уметниците, писателите и музичарите – околу 20 до 25% од луѓето од овие професии ја имаат, според Psychology Today. Примери со славни уметници со синестезија има доста. Меѓу нив и поп пејачката Lorde, виолинистката Kaitlyn Hova, сликарите Василиј Кандински и David Hockney… Се смета дека писателот Владимир Набоков, композиторот Olivier Messiaen и физичарот Ричард Фајнман исто така можеби имале синестезија.
Зборот „synesthesia“ доаѓа од грчката фраза „да се перцепира заедно“. Според Psychology Today, има над 60 типови синестезија, а повеќето од тие што ја имаат, имаат барем два. Најчеста е grapheme-color синестезијата, која се јавува кога буквите или броевите на пишана страница на мозокот му изгледаат како да се обоени.
При другите типови на синестезија можно е:
• доживување на одредени мириси кога слушате одредени звуци
• да гледате музика како бои во воздухот (музичко-колорна)
• кога читате зборови да ви имаат вкус (лексично-густаторна)
• одредени текстури на допир да ви предизвикуваат одредена емоција (тактилно-емотивна)
• гледање боја кога чувствувате болка
Некои луѓе доживуваат и феномен кој се вика „концептуална синестезија“, при кој гледаат апстрактни концепти, како единици на време (минути, секунди итн.) или математички операции како да се проектирани во просторот.
Причини за појава
Краткиот одговор е – не се познати. Ама има теории.
Едната е дека се јавува заради премногу неврални конекции. Обично секој регион е поврзан со конкретно сетило. Кај синестезијата, пак, има многу повеќе комуникација меѓу мозочните региони.
Другата го вели обратното – дека не е до регионите на мозокот, туку дека синестезијата се јавува кога регионите добиваат мултисензорна (измешана) информација од повеќе сетила, наместо од конретното соодветно сетило.
Третата теорија е дека секој ги има овие неврални конекции, но не сите ги користат. Тие што ги користат доживуваат синестезија.
Како и да е, има еден интересен наод од досегашните студии, поконкретно во една од 2017-та извршена на над 11.000 студенти – почесто се јавува кај деца што растеле слушајќи и зборувајќи два јазика од многу мала возраст. Сепак, се работи за мал процент, кај 0 до 5% од децата, во зависност од јазикот.