Што бара Австралија на Евровизија и што ако победи?

По синоќешната прва полуфинална вечер на музичкиот избор Евросонг, на друштвените мрежи повторно стана актуелно прашањето што веројатно на гледачите на Евровизија и другпат им поминало низ глава: Што бара Австралија меѓу учесничките?

Kate Miller-Heidke – претставничката на Австралија, вчера се најде меѓу 10-те полуфиналисти кои се квалификуваа за финалната вечер. Меѓутоа, ова не ѝ е прв настап на Австралија на Евросонг. Првиот настап се случи во 2015-та, кога настапи во финалето по повод 60-тиот роденден на музичкиот избор за најдобра европска песна. Австралија е единствената земја надвор од Евроазија која учествува на изборот, со исклучок на Мароко, која прв (и последен) пат настапуваше во 1980 година.

Но зошто Австралија на Евросонг? Најголемата причина може да се сведе на едно – исклучително големата популарност на изборот во земјата. Австрискиот сервис SBS пренесува Евросонг уште од 1983 година, а од првото емитување до денес, популарноста на изборот воопшто нема опаднато во оваа земја на другиот крај на светот. Како причина за тоа се смета што голем дел од Австралијците потекнуваат од Европа, особено Велика Британија. Понатаму, Австралијците во последните декади на Евросонг земаат и индиректно учество на многу начини – како изведувачи за други земји, автори на песни и слично.

Прочитајте и:  Во Австралија нема да има потреба од давање на лични податоци на социјалните мрежи

Во 2010-та, SBS им дозволи на граѓаните на Австралија да гласаат за победникот, меѓутоа тие гласови не се пребројуваа заедно со гласовите од останатите учеснички. Веќе во 2012-та, во Баку, Австралија доби свое коментаторско место, а во 2015-та EBU (European Broadcasting Union) и австриската ORF (која таа година го организираше изборот) ѝ дозволија учество на јубилејниот 60-ти Евросонг. На тоа јубилејно издание на Евросонг, за да не им ги намали шансите на другите полуфиналисти, австралискиот претставник Guy Sebastian се пласираше директно во финалето, а во гласањето го освои петтото место. Поради одличниот прв пласман, Австралија побара да учествува и на следниот Евросонг 2016, кога претставничката Dami Im за малку ќе победеше и замина дома како второпласирана во финалето.

Ова е петта година како Австралија учествува на Евросонг, а од упорноста очигледно е и дека се надева на победа. Во таков случај, сепак, натпреварувањето следната година нема да се одржи во Австралија, како што е случај со другите победници. Во тој случај Австралија ќе го коорганизира натпреварувањето со една од земјите членки на EBU, при што веројатно главни избори би биле Германија и Велика Британија.

- Реклама -