Што ако сите живеевме како Американци?

Стереотипот за просечниот „Џо“ (читај: Американец) е дека е месојадна машина со ненаситен апетит за гориво (и буквално, и во форма на храна), секс, и газирани пијалоци, која зад себе остава куп отпад. Во надеж дека стереотипот можеби е само мит, AsapSCIENCE фати да копа по статистиките. И се разочара.

Американците јадат по 223 грама месо дневно, што е скоро дупло од светскиот просек. Тоа значи дека Американците убиваат и јадат по 10 милијарди животни годишно, што е 15% од целата светска „потрошувачка“.

Покрај тоа, просечен Американец вози по 21.687 километри годишно, што е исто така глобален рекорд. Ова објаснува и зошто имаат најголема стапка на сообраќајни несреќи, но и фактот дека 20% од сите оброци во САД се јадат во кола, во што исто така се светски рекордери.

Просечниот Џо исто така пие по 403 продукти на Coca Cola годишно. Светскиот просек е 92. Ова, заедно со горенаведените бројки, придонесува Американците да се први по внесот на калории, шеќер и масти, меѓу 16 други развиени држави. На исто рамниште со остатокот од светот се единствено по количината на изеден зеленчук, што во комбинација со ова погоре секако не е ласкаво.

Толку многу јадење неизбежно резултира со многу отпад. Американците фрлаат по 1.6 милијарди пенкала и 220 милиони гуми годишно. Се разбира, тоа нема врска со храната, но води кон вкупната бројка од 729 килограми отпад по Американец годишно, од кои 544 килограми се органски (читај: храна). Со други зборови, населението на САД, кое претставува околу 5% од светската популација, генерира 40% од вкупната глобална количина на отпад.

Прочитајте и:  Американците со уплав од Трамп гуглаат како да се преселат во Канада, Нов Зеланд, Австралија...

Американскиот лајфстајл подразбира потрошувачка на 10 литри нафта на ден (по човек), иако во таа статистика не се први – Канада троши малку повеќе, по 10.2 литри на ден.

За попрецизна споредба, фина мерка е глобалниот хектар – мерка која анализира колку почва, вода и други природни ресурси се потребни за да се произведе тоа што едно лице го консумира во текот на една година во форма на храна, облека, мебел и др. Гледано од тој аспект, глобалниот просек е потрошувачка од 2.7 глобални хектари по лице, годишно. Просечен Американец користи 6.8 глобални хектари (Кувајт, сепак, има највисок просек – со 8.9 гх).

Според количината на јаглероден диоксид (CO2) што се ослободува при користењето на глобалните ресурси, на глобално ниво, се проценува дека ни се потребни (најмалку) 1.5 планета Земја за да можеме да ги користиме со обновливо темпо.

Но што ако сите живееме како Американци? Краткиот одговор е – ќе биде катастрофално. Ќе ни требаат 4.1 планети Земји за да има доволно ресурси за сите.

Од друга страна, ќе имаме повеќе секс и ќе снимаме повеќе порно. Американците во просек имаат секс по 138 пати годишно, во што се втори во светот, зад Французите. Паралелно, 73% од светското порно се снима во САД.

- Реклама -