Штајнакер: Ниту една земја нема да биде примена во ЕУ доколку има нерешено билатерално прашање

Гудрун Штајнакер, поранешна германска амбасадорка во Северна Македонија и Црна Гора и поранешен заменик-амбасадор во Бугарија, вели дека Бугарија и Република Северна Македонија прво треба да се разберат дека не се разбираат.

Штајнакер, во интервју за БНР, вели дека одлично ги знае аргументите на двете земји, но не сака да процени кој е во право, а кој не. Сепак, според нејзиното мислење, овој проблем сигурно нема да биде решен наскоро, пренесува МИА.

Позициите на Софија и Скопје се многу различни и наведува дека преговорите најверојатно ќе треба да се водат со посредство на трета земја.

Според германската дипломатка, за Бугарија е важно да се бори сама со себе и да признае дека постојат разлики со Република Северна Македонија и дека овие разлики нема наскоро да се надминат.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Двете страни, во духот на Договорот за добрососедство, мора да признаат дека имаат значителни разлики, но работат на нивно надминување и постигнување заедничко решение. Ова ќе одземе време. Дотогаш, Бугарија не треба да се меша со почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, бидејќи во моментот се работеше само за почеток на преговарачкиот процес.

Амбасадорката Штајнакер беше категорична дека ниту една земја нема да биде примена во ЕУ доколку има нерешено билатерално прашање. Оваа грешка еднаш ја направи Брисел со Кипар, но нема да се повтори. Според неа, Бугарија нема за што да се грижи доколку го поддржи почетокот на преговорите за членство меѓу ЕУ и Република Северна Македонија. И овие преговори, рече таа, ќе траат „многу многу долго“, јави дописникот на МИА.

- Реклама -