Партијата на Бојко Борисов беше основана кон крајот на 2006 година со германска помош, во надеж на Западот дека ќе се стави под контрола економската и криминална елита главно произлезена од поранешните комунистички тајни служби, откако се виде дека и пристапувањето на Бугарија во ЕУ во 2007 година нема да го промени фактот дека бугарската влада, тогаш предводена од Сергеј Станишев, тоне во незамисливо мочуриште од корупција и криминал…
„ …Тоа, за жал, не успеа ни до денешен ден. Всушност тие елити само се подмладија – синовите, ќерките и протежеата на првата гарда по падот на комунизмот се сега на власт. Но, тие непроменето меѓусебно си ги делат ресурсите на земјата, вклучително и субвенциите од ЕУ“, пишува дипломатката Гудрун Штајнакер – поранешен заменик германски амбасадор во Бугарија (2006 – 2009 година) и амбасадорка на Германија во Македонија од 2011 – 2014 година, пренесува „Дојче веле“.
Во текстот, Штајнакер посочува дека, за да остане на власт, на Борисов му е потребна поддршката на Обединети патриоти и Красимир Каракачанов како претседател на оваа коалиција, за кого вели дека како и многу други бугарски политичари, е „некогашен информант на бугарските тајни служби“. Оттука, истакнува таа, набљудувачите се на мислење дека најавата за вето од Бугарија на пристапните преговори на Македонија за членство во ЕУ првенствено е мотивирана од внатрешнополитички причини.
„Но, самото тврдење дека македонскиот јазик е само еден дијалект на бугарскиот, е ненадминлив во својата апсурдност“, оценува екс-амбасадорката. „Како и денешниот бугарски јазик во 19 век, така и македонскиот по Втората светска војна се кодифицирал како стандарден јазик од страна на лингвистот Блаже Конески врз база на повеќе дијалекти кои се зборувале на територија на денешна Македонија.
Оттука, македонскиот се појавил како стандарден јазик нешто подоцна, но истовремено со другите подоцнежни национални јазици во Европа. Така, на пример, денешниот стандарден норвешки Бокмаал е формиран врз основа на Риксмал во 19 век и создаден по независноста на земјата во 1905-та врз основа на јазикот кој се зборувал во новата престолнина Кристијанија/Осло – дотогаш во Норвешка се пишувало на дански. Но, никој денес не го доведува во прашање постоењето на норвешкиот јазик, а норвешката литература со право е популарна на меѓународно ниво“, пишува Штајнакер, апелирајќи Берлин да го притисне својот „пријател“ во Софија. Целиот текст прочитајте го ТУКА.