Мундијалот се игра во Русија, ама жртва падна во Индија. Дину Алекс од индиското село Армур, огромен фан на Меси, решил да се „одјави“ по очајната игра на аргентинската репрезентација. Само бод по два натпревара и понижувачкиот пораз од 0-3 против Хрватска биле доволно да му ја прелијат чашата.
По натпреварот, 30-годишниот Дину оставил порака со зборовите „немам повеќе за што да живеам“, по што исчезнал. Полицијата го барала со денови, но на крајот го нашла само неговото тело, во блиската селска река. Се верува дека Дину скокнал и се удавил.
Таткото на Дину потврдува дека неговиот син бил голем обожавател на Меси и дека причина за самоубиството е очајната игра на Аргентина. „После натпреварот плачеше и го исклучи мобилниот“, открива семејството.
Пријателите на разочараниот Индиец изјавиле дека тој бил убеден дека Аргентина ќе стигне далеку во Русија, па дури и дека ќе ја освои светската титула.
За да биде трагедијата и иронијата поголема, Аргентина сé уште не е целосно отпишана од мундијалот. Пред утрешниот натпревар за опстанок против Нигерија, и Аргентина и Исланд имаат по 1 бод, со тоа што Исланд има подобра гол разлика за 1 гол. Дури и Исланд да ја победи Хрватска (која најавува дека практично ќе игра со резервен состав), ако Аргентина ја торпедира Нигерија со доволно голови, шансите за пласман во елиминациската фаза ѝ се прилично големи. А потоа којзнае. Можеби и навистина Меси ќе стигне до светска титула.
виа Ако.мк