Новите траги во истрагата за саботажата на двата гасоводи Северен поток, што ја поврзуваат Русија со Германија, водат до Украина, објави Шпигел.
Германскиот неделник наведува дека истрагата е фокусирана на јахтата Андромеда, за која се верува дека била користена за транспорт на експлозиви користени во саботажата во септември 2022 година во Балтичкото Море. На јахтата биле пронајдени траги од експлозив, октоген, што беше широко распространет и на Запад и во поранешниот источен блок. Исто така од јахтата била испратена порака по електронски пат до Украина.
Во гасоводите преку кои Европа се снабдува со руски гас на 26 септември 2022 година беа регистрирани четири големи истекувања на гас, на кои претходеа подводни експлозии.
Речиси шест месеци по експлозиите, кои ги зафатија двата гасоводи, одговорноста за подводниот напад останува мистерија, и покрај истрагите што се водат во земјите од регионот – Германија, Шведска и Данска.
Според една од верзиите, јахтата Андромеда на 6 септември 2022 година тргнала од северногерманското пристаниште Росток. На јахтата имало шестчлен екипаж, вклучувајќи нуркачи и лекар.
Други германски медиуми, членови на меѓународен истражувачки конзорциум, истражуваа како бродот бил изнајмен од полска компанија која всушност била во сопственост на Украинци.
Истражувачите исто така бараат трага „во украинските воени кругови“, според Зидојче цајтунг, Р&Д и Ве Де Ар. Според нив, еден од патниците на јахтата, кој имал романски пасош, всушност е украински државјанин, кој во минатото служел во пешадиска единица.
Шпигел истакнува дека „сите овие индиции се совпаѓаат со процените на неколку разузнавачки служби, според кои авторите на саботажата треба да се бараат во Украина“.
„Се поставува прашањето дали овој чин бил извршен од единица командоси што не била контролирана, или од украинските тајни служби, и до кој степен некои елементи на украинскиот владин апарат биле запознаени“, потенцира германскиот неделник.
МИА