Шоптрајанова: Дигиталните учебници се најважни токму за сиромашните ученици

„Еве, да не бев привилегирано дете на семејство во кое најмалку 5 генерации ја дополнуваат семејната библиотека, а секој има и свои лични, dа бев сиромашно дете од друг град во Македонија, или од некое село – што мислите, колку пати во животот ќе имав можност да купам книга?“, прашува на Фејсбук Јасна Шоптрајанова (преведувач), во контекст на дебатата околу дигиталните учебници најавени како една од реформите кои ги најави Министерството за образование.

Според Шоптрајанова, невалиден е аргументот дека тоа ќе ги погоди најсиромашните меѓу учениците. Дигитализацијата, смета таа, е најважна токму за овие ученици.

„Ако моето семејство беше ангажирано во борба за преживување, особено ако е таа социјална и географска изолираност долгогодишна, па ни претходните генерации не ја осознале убавината на читањето (што е чест случај, ми се чини) – што мислите, колку пати некој ќе се качеше на автобус за да ме поведе во книжарница во друго место и за колку книги ќе имавме пари? Мислам, ако воопшто имавме интерес, дали ќе имавме пари и за членарина во библиотека и за идими-доѓими позајмување и враќање на книгите? Колкав процент од семејниот буџет се тој превоз и таа книга?

А наспроти тоа, ако – според најавите, за кои се надевам и дека ќе се остварат – неимотните деца добијат бесплатни таблети, разбирате ли колку ќе е тоа скапоцено за нив, колку ќе ја подобри нивната појдовна позиција во животот, нивните хоризонти, нивните можности за учење и осознавање?

И не само за литературата. Замислете, читаат за Рахмањинов. Наместо тој да е само некое си таму име на композитор што може и нема да го запаметат, во истиот момент ќе можат да си ја пуштат и да ја слушаат неговата музика. Читајќи хемиски равенки, ќе можат на видео да ги видат реакциите (или, уште подобро, да учествуваат во дигитални интерактивни симулации на експериментите) и во училиштата каде лаборатории нема, а нема ни наставник заинтересиран да ги направи ни едноставните експерименти, реакции што може да се прават и во тегли, не мора епрувети.

А од книгите, класиците се веќе слободни од авторски права и бесплатно достапни на многу јазици, па и на нашиот (да живее Македоника!). И многу од современите изданија се бесплатни. Најлегално бесплатни“, пишува Шоптрајанова.

Според неа, аргументите за мирисот на хартијата и за ќефот на завиткување на книгите во хартија доаѓаат од позиција на снобизам и привилегираност и паѓаат во вода со самото тоа што истовремено се придружени со аргументот „знаеш ли ти колку има сиромашни?“.

„Па знам, токму и за нив е најважна реформата и дигитализацијата. За некои хартијата за завиткување е леб за три дена, сигурно е последно нешто во што ќе вложат пари со кои кубурат, а и знаењето не се стекнува со виткање и мирисање.

Неверојатни, несфатливи замени на тези и мешања лончиња се случуваат пред наши очи. Неретко излегуваат и од наши усти. Мислам, навистина треба малку да се соземеме и да размислиме што зборуваме, вака trigger-happy, озабени да реагираме против, по секоја цена, читајќи само хушкачки наслов или себеси сфаќајќи се како некои ете молимтисе романтично-херојски бунтовници или месии. Па дајте ве молам!! Мислам, аман!!!“, пишува Шоптрајанова.

 

- Реклама -