Шолц: Ве сакаме, драги Македонци, во Европската унија, сме и ќе останеме на Ваша страна

„Ние сакаме Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Сакам да бидам сосема искрен со Вас: Дури и по прифаќањето на овој компромис, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен. Ќе има и други пречки кои ќе треба да бидат надминати. Но, јас исто така Ви велам: Заедно ќе ги совладаме задачите кои ни претстојат. Затоа што сакаме да бидете членка на оваа Европска Унија“, вели во своето обраќање до Македонија и македонските граѓани, објавено денеска од Амбасадата на Германија во Скопје, германскиот канцелар Олаф Шолц.

Нашата земја, порачува Шолц, повторно се соочува со носење на една многу важна одлука – „дали сакате да го прифатите европскиот компромис, и со тоа, 17 години по доделувањето на статусот на кандидат за членство во ЕУ, може конечно да се одржи првата пристапна конференција за членство“, вели тој.

Според него, тоа ќе биде „важен чекор што ќе нѐ приближи до членство во ЕУ и со што ќе се надмине блокадата“.

„Јас ги разбирам Вашата нестрпливост и Вашата фрустрација. И повеќе од тоа: ги споделувам со Вас! Јас Ве разбирам кога ќе кажете: Нам ни беше предолго и премногу ветувано. Тоа што се бараше од нас беше премногу. Јас го разбирам Вашиот сомнеж дали со овој чекор навистина ќе се отвори патот за влез во ЕУ“, порачува Шолц.

„Сите знаеме дека компромисите понекогаш значат болни отстапки“, додава германскиот канцелар. „Европската Унија се состои од компромиси, ден за ден. Но, јас сум цврсто убеден дека дури и тешки компромиси на крајот секогаш нè носат напред и нè прават посилни“, уверува тој во обраќањето.

„Ние Ве сакаме Вас, драги Македонки и Македонци, зачленети во една унија во која се чуваат и се негуваат Вашите и нашите културни особености, нашите различни јазици и нашите идентитети. Тоа нè прави заедно силни. Ние сме и ќе останеме на Ваша страна“, завршува Шолц.

Извор: МИА

- Реклама -