Шолц: Мораме брзо да ги депортираме мигрантите кои немаат право на престој, што повеќе и што побрзо

Германија мора брзо да ги депортира мигрантите кои немаат право на престој, но и да продолжи да ги прифаќа оние кои имаат право на азил и оние со потребните вештини, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц во интервју за весникот Дер Шпигел.

„Мораме да ги депортираме во голем обем оние кои немаат право да останат во Германија“, рече Шолц.

Тој нагласи дека оние кои немаат услови за азил и немаат шанси да останат мора да си заминат.

„Мора да депортираме повеќе и побрзо“, изјави германскиот канцелар.

Шолц рече дека е неопходен „цел пакет мерки“ за ограничување на илегалната миграција, што вклучува подобра заштита на надворешните граници на Европската унија и построга контрола на границите на Германија со соседните членки на ЕУ.

Канцеларот додаде дека Германија мора да продолжи да прифаќа бегалци кои имаат право на азил поради политички прогон или други легитимни причини, како и да привлекува повеќе мигранти со потребните вештини.

„Но, оние што не припаѓаат на ниту една група не можат да останат со нас“, повтори Шолц.

Интервјуто беше објавено додека владејачката коалиција, составена од Социјалдемократската партија (СПД), Зелените и Слободната демократска партија (ФДП), дебатираше за миграциската политика.

МИА

- Реклама -