Шолц во телефонски разговор со Нетанјаху: Главните воени цели во борбата против Хамас се постигнати, неопходна е деескалација

Меѓународната заедница е сè позагрижена поради можноста од голема војна на Блискиот Исток. Иран и неговите сојузнички милиции објавија дека планираат да му се одмаздат на Израел за неодамнешните убиства на лидерите на Хамас и Хезболах

Германскиот канцелар Олаф Шолц, во телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, ја изразил својата загриженост поради опасноста од регионална војна на Блискиот Исток, изјави портпаролот на германската влада во Берлин.

„Шолц јасно стави до знаење дека германската влада силно ги осудува заканите од Иран, од милитантите на Хезболах во Либан и од други за безбедноста на Израел и неговите граѓани“,

рече портпаролот Волфганг Бухнер.

Шолц нагласил дека е неопходно да се прекине „деструктивната спирала на насилство на која се одговара со насилство, да се намалат тензиите и да се работи конструктивно на деескалација“, информира портпаролот на германската вллада.

„Канцеларот повтори дека е време да се финализира договорот за прекин на огнот во Појасот Газа и да се обезбеди ослободување на заложниците кои ги држат милитантите на Хамас во Појасот Газа. Тој рече дека главните воени цели во борбата против Хамас се постигнати и дека страдањата на луѓето од Појасот Газа се уште траат и се огромни“,

додаде Бухнер.

Меѓународната заедница е сè позагрижена поради можноста од голема војна на Блискиот Исток. Иран и неговите сојузнички милиции објавија дека планираат да му се одмаздат на Израел за неодамнешните убиства на лидерите на Хамас и Хезболах.

- Реклама -