Шилегов: Започнува процесот на окрупнување на мојата поддршка за градоначалник на Скопје

„Од денеска започнува процесот на окрупнување на мојата поддршка за градоначалник на Скопје“, рече на денешната прес-конференција кандидатот на СДСМ и коалицијата за градоначалник на Скопје – Петре Шилегов.

Тој вели дека со повеќето од кандидатите за градоначалник на Скопје имале слични проекти и размислувања како градот треба да продолжи да се развива.

„Верувам дека вие граѓаните кои ги поддржавте нив во првиот круг, ја поддржувате политиката на напредок и развој која ние веќе четири години ја спроведуваме“, рече Шилегов, повикувајќи ги сите кои во првиот круг решиле од кои било причини да не излезат на гласање, да излезат на 31 октомври и да гласаат за просперитет на Скопје.

Скопје, како што нагласи Шилегов, мора да остане град на граѓаните во кој тие одлучуваат. Додаде дека со обединување на сите демократски сили, Скопје ќе расте во единствена коалиција и со граѓани кои ќе учествуваат во сите важни проекти преку системот на директна демократија.

„Подавам рака на сите граѓани, политички партии, организации кои веруваат дека Скопје мора да продолжи да се развива и дека она кое го почнавме треба да го завршиме. Скопје мора да остане град на граѓаните во кој граѓаните одлучуваат и Скопје не смее да се врати назад во времето на поделби, лажни митови и неплански развој. Јас како градоначалник ќе бидам само еден од вас во донесување на сите важни одлуки за заедничката иднина“, рече Шилегов.

Скопје, додаде, има сила само во единството, во обединувањето на оние кои гледаат на нашиот град како град во заедница на модерни, развиени европски градови.

„Политиката мора да им служи на граѓаните, тоа е платформа на која ги повикувам сите гласачи и политички партии кои го имаат Скопје во срцето, масовно да излезат на изборите за победа. Ова се избори за Скопје и иднината на нашиот град. Ова се избори на кои треба да бирате како Скопје треба да продолжи напред и во каков град сакаме да живееме“, нагласи Шилегов.

МИА

- Реклама -