Шилегов: Не знам зошто Арсовска се срами од ВМРО-ДПМНЕ

„Не знам зошто Арсовска се срами од ВМРО-ДПМНЕ. Излези и кажи јас сум кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, но очигледно е дека таа се срами. Се срами и самата партија да излезе пред скопјани, бидејќи многу од аномалиите кои ги исправаме во овие четири години се настаните поради некомпетентност и несовесност при владеењето со нашиот град во минатото од нивни градоначалници“, изјави актуелниот градоначалник на Скопје и кандидат за уште еден мандат – Петре Шилегов, во гостувањето на Дневникот на ТВ „Сител“.

„Жал ми е што нејзиното прво појавување на политичката сцена е потценување на скопјани. Да се претставиш како независен кандидат, а и врапчињата знаат дека е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ е потценување на граѓаните на Скопје и на неопределените гласачи“, рече Шилегов.

Тој е категоричен дека јасно е кој е независен кандидат, а кој не. Тоа што му пречи, додаде, е што одредени луѓе се кријат зад завесата на независност и така ја убиваат граѓанската демократија.

„ВМРО-ДПМНЕ има сериозно добра и позната историја на таканаречени независни кандидати, од последните претседателски избори со професорката Силјановска, претходно и со Иванов. Се покажа дека зад ваквите таканаречени независни кандидати се кријат луѓе кои стануваат најревносни партиски послушници“, оцени Шилегов.

- Реклама -