Скопскиот градоначалник Петре Шилегов вели дека е свесен за поплаките на скопјани, но смета дека состојбата со комарците веќе е ублажена, посебно откако завчера вечерта започна вонредното терестично прскање против возразни комарци. Од петок, кога истото ќе заврши, Шилегов очекува проблемот со комарците да биде целосно саниран.
Тој истакна дека Град Скопје не може да пушта авиони и да прска против комарци секогаш кога смета дека има потреба, бидејќи хемикалијата е штетна по здравјето на луѓето, а тоа е приоритет. Токму од тие причини, истакна скопскиот градоначалник, дезинсекцијата против комарци мора да се одвива по сериозни протоколи и согласно препораките од здравствените власти.
Шилегов, меѓутоа, беше прашан и за неговото лично искуство со комарците, односно дали него не го касаат.
„Годинава не ме каснал комарец. Живеам во населбата Тафталиџе и не сум слушнал во моето соседство дека имаме проблеми со комарците“, изјави градоначалникот.