Шентоп: Турција се соочува со сличен проблем како Македонија со Бугарија

Претседателот на Големото национално собрание на Турција – Мустафа Шентоп, кој е во дводневна посета на земјава по повод одбележувањето на 21 декември – Денот на наставата на турски јазик, смета дека недоразбирањата помеѓу Македонија и Бугарија можат да се решат врз основа на добрососедски односи и дипломатија.

„Не постои нерешлив спор за општествата кои со векови на Балканот споделиле слични култури, песни, јадења, радости и таги“, вели тој во интервју за МИА (целото ТУКА).

Од друга страна, Шентоп истакнува дека не е погрешно и да се каже дека Турција, во неколку наврати, се соочува со сличен проблем.

„Особено Грција и Франција, во изминативе години актуелизирајќи ги своите агенди и нивните спорадични проблеми со Турција во агендата на ЕУ, измислуваа неразумни изговори за да ги запрат преговорите за членство на Турција и отворањето на нови поглавја. Кога на ова ќе се додаде и Грчката администрација на јужен Кипар, која ги игнорира кипарските Турци, не пристапува кон траен мир и решение за островот Кипар и која токму поради оваа причина воопшто не требајќи да биде прифатена во Унијата, се направи членка на ЕУ, може да кажеме дека и Турција се соочува со слична блокада“, констатира Шентоп, но додава:

Прочитајте и:  Николоски: Ако сработиме добро со Франција, дипломатски тешкаш за едно попладне во Софија би го решил проблемот

„Земјите кои ги спомнав го злоупотребуваат нивното членство во ЕУ со цел да ги наметнат своите желби и решенија, но она што не го разбираат е следно: Турција е земја која има тежина во регионот и светот, земја која преку потфатите во последниот период ја зголеми областа на влијание и земја која е доволно моќна да ја имплементира својата агенда и политика. Нема да подлегне на ничии уцени или наметнувања. Затоа, земјите кои се обидуваат да ѝ ги наметнат своите желби на Турција треба да престанат со тоа и безусловно да се вратат на преговарачката маса“.

Според Шентоп, злоупотребата на членството во ЕУ во име на решавање на билатералните проблеми не е во согласност со основните европски вредности на Унијата, ниту пак е во духот на добрососедството.

- Реклама -