Шекеринска за снимката во домот на Боки 13: Зборувавме за Законот за јавно обвинителство

„Јас во ниеден момент, никогаш, не ја лажев јавноста. Се имам сретнато и со едниот, и со другиот, и со двајцата заедно. Оваа ‘слика’ прво покажува, интересно, дека не бил само еден што снимал во целиот тој случај туку така; има изгледа некои интересни позадински врски. Но, знаете што покажува? Дека нема ништо со што можат мене да ме поврзат со било која од акциите за кои и двајцата биле на суд“, рече вечерва вицепремиерката и министерка за одбрана, а воедно и носител на листа на СДСМ во Изборната единица 5 – Радмила Шекеринска, во „Само вистина“, прашана за снимката во која таа седи во присуство на сега осудените за „Рекет“ Бојан Јовановски и Катица Јанева во неговиот дом.

Допрашана дали тоа значи дека не демантира дека таа е на снимката, Шекеринска додаде:

„Не, јас само кажувам дека никогаш, во ниту една ситуација, не сум учествувала во она за што тие се соочија пред судот. Јас не можам да кажам кога е сликата. Претпоставувам дека сум јас“.

Прашана што била и што би можела да биде темата на разговор на една таква средба, Шекеринска одговори:

„Зборувавме за една тема која беше многу актуелна во тој период, а тоа беше зошто не може да се донесе Законот за јавно обвинителство. Значи, сум била во друштво на сопственик на телевизија, а сум била и со многу други сопственици на телевизии и сум разговарала, тоа не е проблем“, рече таа, додавајќи:

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

„Јас би сакала на секој од нас на челото да му пишува кој е и што е. Ова се случи, ми се чини, неколку месеци пред било што од ова (случајот Рекет) да излезе во јавноста и како што беше спомнато, јас мислам дека нема политичар, па ни од ВМРО-ДПМНЕ, кој немал средби и со едниот и со другиот. Би било убаво да можеме на лицата на сите луѓе да видиме, да знаеме кој што и како работи и како се однесува, ама ако е тоа грев, тогаш многу луѓе имаат грев. Факт е дека светот би бил многу поубав, а криминалот не би постоел ако можеме тоа да го прочитаме на чело“.

На констатацијата на новинарката дека веројатно нема да го дознаеме снимателот, Шекеринска рече дека за тоа треба да бидат прашани ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето зошто досега не демантирала или потврдила дека таа е на снимката, Шекеринска рече дека не ѝ било поставено такво прашање.

Таа додаде и дека случајот „Рекет“ покажал дека во државата, со сите видливи маани во правосудниот систем, веќе никој не е недопирлив и над законот.

- Реклама -