Шекеринска: Вчера видовме како НАТО членството ја зголемува безбедноста, но и суверенитетот на една држава како Северна Македонија

„Кога зборуваме за суверенитетот, и досега сме зборувале, во принцип сме велеле дека ние си ја контролираме нашата територија. Небото е исто така територија на нашата земја. И формално се разбира дека нашиот суверенитет таму е неприкосновен, но ако не ја имате соодветната радарска опрема, опремата за воздушно набљудување и опремата, односно воздухопловите за реакција, тој суверенитет не можете да го практикувате. Едноставно не може секоја армија тоа да си го дозволи“, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на средбата со четворица од петтемината новоизбрани офицери од Армијата на Република Северна Македонија кои во следните четири години ќе извршуваат работни задачи во командните структури на НАТО, одговарајќи на новинарско прашање во врска со НАТО мисијата за воздушно набљудување на македонското небо, од аспект на суверенитетот.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Како што подвлече таа, вчерашниот почеток на НАТО мисијата за воздушно набљудување над македонското небо покажува колку всушност членството во Алијансата ни го засили нашиот суверенитет.

„Дополнително тоа значи дека имаме оперативни процедури и имаме НАТО капацитети кои во случај, како што велиме ‘за не дај Боже’, да можат да се активираат. Тоа е како НАТО членството ја зголемува и безбедноста, но и суверенитетот на една држава како Северна Македонија. Можевте да видите вчера список на земји коишто го користат истиот систем и тоа покажува колку НАТО не е екстра трошок. НАТО е практично шансата да имате паметна одбрана, да го финансирате тоа што де факто може да го финансирате, а да искористите НАТО ресурси за капацитети за кои немате пари“, заклучи министерката за одбрана.

- Реклама -