Пандемијата предизвикана од коронавирусот забрзува, предупреди денеска Светската здравстена организација (СЗО), откако глобалниот број на потврдени случаи надмина 350 илјади и истите ги има во речиси секоја од земјите.
Од првиот пријавен до 100-илјадитиот потврден случај на Ковид-19 беа потребни 67 дена, само 11 дена за следните 100 илјади случаи, а потоа само уште 4 дена за уште нови 100 илјади, потенцираше шефот на СЗО – Тедрос Адханом Гебрејесус.
„Но не сме затвореници на статистиката. Не сме беспомошни набљудувачи. Можеме да ja промениме ситуацијата по прашањето за пандемијата“, рече Тедрос на онлајн брифингот со повеќе од 300 новинари.
Тедрос повика на глобална посветеност на тоа да се промени траекторијата на пандемијата, па побара од земјите истовремено да носат мерки и на напад, а не само на одбрана:
„Да се бара од луѓето да останат дома и други физички дистанцирачки мерки се важен начин на забавување на ширењето на вирусот и купување време – но тоа се дефанзивни мерки. Не можете да победите во фудбалски натпревар ако само се браните. Морате и да напаѓате.
За да победиме, мораме да го нападнеме вирусот со агресивни и таргетирани тактики – тестирајќи го секој сомнителен случај, со изолирање и грижа за секој потврден случај, и следење и карантинирање на секој близок контакт“, порача шефот на СЗО.
To win, we need to attack the virus with aggressive and targeted tactics – testing every suspected case, isolating and caring for every confirmed case, and tracing and quarantining every close contact.
— Tedros Adhanom Ghebreyesus (@DrTedros) March 23, 2020
Мајк Рајан, пак, челникот на програмата на СЗО за вонредни ситуации, изрази надеж дека одлуката за Олимписките игри 2020 во Токио ќе биде донесена многу брзо и изрази доверба во јапонската влада и Меѓународниот олимписки комитет дека нема да ги одржат Игрите ако тие претставуваат опасност за спортистите и гледачите.