Пандемијата на коронавирусот ќе го претвори овогодишниот економски раст во негативен, вели шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) – Кристалина Георгиева, предупредувајќи дека светот се соочува со најлошата економска криза од Големата депpeсија од 30-тите години на минатиот век.
„Пандемијата ќе има најголеми економски последици од Големата депресија во 1929 година“, рече Георгиева во очи на пролетното заседание на ММФ и Светската банка.
Како што предупреди, најпогодени ќе бидат земјите во развој и брзорастечките пазари. Нив ќе им бидат потребни стотина милијарди долари странска помош.
„Пред само три месеци очекувавме раст на приходите по глава на жител во 160 земји наши членки во 2020 година. Сега нештата се свртеа наопаку – очекуваме пад на приходите по глава на жител во преку 170 земји“, рече Георгиева.
Според неа, делумно опоравување може да се очекува следната година под услов пандемијата да се намали во втората половина од оваа година. Сепак, предупреди таа, ситуацијата може и да се влоши.
Студијата на Обединетите нации објавена порано неделава покажа дека 81% од светската работна сила, односно 3.3 милијарди работници, се соочиле со делумно или целосно затворање на работното место, како резултат на карантинските мерки против ширење на Ковид-19.