Шансите да те удри гром и да добиеш на лото во еден ист живот

lead_large[1]

Да те погоди гром баш тебе од цела Канада, треба да си невиден малер. Да добиеш на лото во Канада, треба да си невиден среќник. Питер МекКати е и двете!

Канаѓанецот од Нова Скотија има преживеано удар од гром уште како дете, додека се брчкал во плиткото на едно езерце кога имал 14 години. Шансите да си таков малер се 1 на 1 милион. Лани летоска, истиов овој „несреќник” (со уште еден колега) ја доби премијата од 1 милион долари на Атлантик лотаријата. Шансите да си таков г’злак (со опроштение), се 1 на 14 милиони.

За да дознаат колку е всушност голема импресивната неверојатност да ти се случат овие две нешта во животот, репортерите од CTV News Canada се обратија кај професорката по математика на универзитетот во Монктон – Софи Леџер. „Ако претпоставиме дека овие два настана се случиле без никаква поврзаност… значи, веројатноста да добиеш на лото… помножена со веројатноста да те удри гром… ќе добиеме отприлика 1 на 2.6 трилиони“, пресмета математичарката.

Ете ви. Животот може да ви приреди буквално сé, ама статистички, тој на МекКати е највозбудлив и не можат да го победат ни милион селфиња од искачување на Монт Еверест, скокање со падобрани или што ти уште не.

- Реклама -