Австрискиот канцелар Александар Шаленберг денеска им се извини на граѓаните кои, како што рече, досега направиле сѐ како што треба, поради одлуката за карантин, што ќе стапи во сила од понеделник.
„Ниту едно управување со криза не е без грешки. Сакам да се извинам. Им се извинувам на оние граѓани кои досега направија сѐ како што треба. Знам дека за нив е неразбирливо сега да им се ограничуваат слободите“, нагласи тој во изјава за јавниот сервис ОРФ.
Шаленберг рече дека предолго верувал во можноста да ги убеди граѓаните дека вакцинацијата е неопходна.
„Предолго се потпиравме на тоа дека самите граѓани ќе сфатат дека е подобро да се вакцинираат“.
Шаленберг нагласи дека 65 отсто од граѓаните го направиле токму она што им било побарано, биле вакцинирани, се држеле на дистанца и носеле маски.
„Овие граѓани сега мора да прифатат ограничување на нивните слободи поради едно малцинство. Жал ми е и сметам дека е неподносливо што мораме да го бараме следниот чин на солидарност“, рече тој.
Според него, четвртото заклучување е одлука која му била тешка и изрази надеж дека ова ќе биде последно.
МИА